понеделник, јануари 19, 2026
Дома СВЕТ Шумски пожари во Чиле: 18 жртви, десетици илјади раселени, стотици домови уништени...

Шумски пожари во Чиле: 18 жртви, десетици илјади раселени, стотици домови уништени – претседателот прогласи вонредна состојба во некои делови од земјата

11
Фото: EPA/PABLO HIDALGO

Најмалку 18 лица загинаа во шумски пожари во централен и јужен Чиле, пренесува „Бета“.

Илјадници хектари шума се изгорени, а стотици домови се уништени, соопштија властите.

Чилеанскиот претседател Габриел Борич прогласи вонредна состојба во централниот регион Биобио и соседниот Нубла, околу 500 километри јужно од главниот град Сантијаго.

Итната мерка овозможува подобра координација со војската за да се спречат повеќе од дваесет активни пожари, кои досега изгореа 8.500 хектари шума, според националната агенција за шумарство.

На прес-конференција во тешко погодениот град Консепсион во регионот Биобио, Борич изрази поддршка и сочувство за жртвите и предупреди дека се очекува бројот на жртви и уништени домови да се зголеми. Досега, пријавени се 18 мртви и околу 300 уништени домови.

Се проценува, додаде тој, дека само во Биобио досега се погодени повеќе од 1.000 домови. Многу области се евакуирани и околу 50.000 луѓе се раселени.

„Првиот приоритет во вакви вонредни ситуации, како што знаете, е секогаш да се запре и изгасне пожарот. Но, никогаш не смееме да заборавиме дека ова се човечки трагедии, семејства кои страдаат. Ова се тешки времиња“, рече Борич.

Неговиот говор следеше по жалбите од локалните власти дека уништувањето било видливо насекаде со часови, додека помошта не пристигнала.

Пожарникарите се бореа со пламените јазици, додека високите температури и силните ветрови го отежнуваа гаснењето. Температурата вчера достигна 38 степени Целзиусови, а денес се очекува топло време.

„Временските услови во наредните часови не се поволни и укажуваат на екстремни температури“, изјави министерот за внатрешни работи Алваро Елисалде.

Жителите рекоа дека пожарот ги изненадил по полноќ и ги оставил заробени во своите домови.

„Многу луѓе не се евакуирале. Тие останале во своите домови затоа што мислеле дека пожарот ќе престане на работ на шумата“, рече Џон Гузман од Пенко.

„Беше целосно надвор од контрола. Никој не го очекуваше тоа“, додаде тој.

Пожарот го зафати поголемиот дел од Пенко, горејќи автомобили, училиште и црква. Илјадници луѓе побараа засолниште во импровизирани засолништа.

„Избегавме бегајќи, со нашите деца, во темнината“, рече Хуан Лагос.

Вонрредна состојба во два региони на југот од земјата

Чилеанскиот претседател Габриел Борич прогласи состојба на катастрофа во два региона на југот од земјата, поради големи пожари кои принудија евакуација на десетици илјади луѓе.

Службениците изјавија дека има 24 активни пожари низ Чиле, со најголеми пожари во регионите Нубл и Био Био, каде што е прогласена вонредна состојба, објави Ројтерс.

Пожарот опустоши околу 8.500 хектари земја и им се закани на неколку заедници, што доведе до наредби за евакуација во јужните региони.

Околу 20.000 луѓе се евакуирани, а пожарот уништи најмалку 250 домови.

Пожарите во централен и јужен Чиле се случуваат секоја година во текот на летото, обично достигнувајќи врв во февруари, кога температурите се зголемуваат, а земјата сè уште се мачи од долга суша.

Соседна Аргентина, исто така, се бори со пожари кои проголтаа илјадници хектари шума во последните недели, бидејќи јужна Патагонија доживува период на топло и суво време.

ИЗДВОЕНИ