Шумски пожар беснее на Пелопонез: За три дена се изгорени повеќе од 1.100 хектари

475

Грчките пожарникари денес трет ден по ред се борат со шумски пожар во Пелопонез, југозападна Грција, кој досега уништи 1.145 хектари земја, според податоците од Европската противпожарна служба Коперник, пренесе „Бета“.

Повеќе од 350 пожарникари, поддржани од 75 возила, 15 водни бомбардери и 15 хеликоптери, денес се обидуваат да го локализираат пожарот, кој започна во вторник во Фенеос, на околу 185 километри од Атина, каде што селата мораа да бидат евакуирани, според противпожарната служба.

Покрај изгорените шумски површини, од кои некои се заштитени од Европската мрежа Натура, 20 километри патишта и четири хектари изградени површини би можеле да бидат погодени од пожарот, според европската програма Коперник, која собира податоци за состојбата на планетата Земја.

Локалните медиуми објавија дека некои куќи во селата во областа се оштетени.

Две лица се уапсени, обвинети за предизвикување на пожарот од небрежност додека извршувале работа на отворено во близина на шумски области.

Грција е погодена од продолжен топлотен бран од понеделникот, при што се очекува температурите денес да достигнат 43 степени Целзиусови, според националната временска прогноза.

Речиси половина од земјата е под портокалова тревога поради многу висок ризик од пожари, според Агенцијата за цивилна заштита.

ИЗДВОЕНИ