Тимот на Мекларен ја започнува својата доминација во Формула 1, за тоа најдобро говорат резултатите во досегашниот дел од сезоната, па токму поради тоа неколку возачи се веќе фрустрирани и сакаат да си заминат од своите сегашни тимови. Еден од нив е и актуелниот шампион, Макс Верстапен, кој е незадоволен од развојот на болидот за оваа сезона. Иако славеше на последната трка во Монца, само трета победа за него сезонава, Верстапен веќе почнаа да го селат во друг тим, односно ја бараат неговата идеална дестинација за следната сезона.
Иако Холанѓанецот веќе потврди дека ќе вози за Ред Бул следната година, неговата иднина останува една од главните теми во круговите на Формула 1.
Секако, првиот заинтересиран да го донесе во своите редови е тимот на Мерцедес. Германскиот тим, и покрај одличните перформанси, сепак не го продолжи договорот со Џорџ Расел.
Интересно е што непосредно пред трката, Верстапен коментираше и за можноста да дојде во Италија, или поточно, во Ферари. Тој ја искористи можноста да нагласи дека нема да дојде во Маранело само поради името на тимот и страста на Тифозите. Тој рече дека би одлучил да оди во Ферари само ако можат да му понудат вистинска шанса за нови титули.
Доколку се отвори простор во 2027 година, нема сомнение дека Ферари ќе биде подготвен за разговор.
Од друга страна, Луис Хамилтон се мачи со формата во својата дебитантска сезона за италијанскиот тим. Доколку ова продолжи и следната сезона, не е исклучено Британецот да одлучи да ја заврши својата богата кариера. Кога сме кај Британците, оној што беше пречекан со исвиркувања беше Ландо Норис, а кога истото се очекуваше и за Макс, се случи спротивното.
Холанѓанецот доби громогласна поддршка од Тифозите за време на прославата на подиумот, првенствено скандирајќи го неговото име.
Поранешниот возач на Ф1 и брат на легендарниот Михаел Шумахер, Ралф Шумахер, детално објасни во поткастот на „Скај Германија“ зошто мисли дека Верстапен и Ферари би биле одлична комбинација.
- Фасцинантно е тоа што пред самата трка, таткото на Верстапен веќе даде некои коментари за Ферари. А потоа, по победата, целата публика навиваше за Макс Верстапен и го скандираше неговото име. Некако имам чувство дека Италијанците веќе можат да замислат дека најбрзиот човек на патеката наскоро ќе вози за Ферари. Секако, таткото на Верстапен многу добро го знае сето тоа и ова одеднаш стана тема и за него. Морам да бидам искрен и да кажам дека Фред Васер и Макс Верстапен совршено би се вклопиле, истакна Шумахер.