Потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз, Каја Шукова, денеска ја објави својата кандидатура за градоначалничка на Скопје. Таа вети дека ќе биде градоначалничка на сите граѓани, без разлика на нивната политичка припадност, и најави нов модел на управување со градот – професионален, транспарентен и ориентиран кон граѓаните.
На прес-конференцијата во СДСМ, Шукова најави фокус на решенија и конкретни проекти. Таа претстави дел од својата програма, која вклучува чистење на градот, реформи во управувањето со отпад, подобрување на јавниот превоз, борба против урбанистичкиот хаос, дигитализација, борба против корупцијата и враќање на културниот и урбан дух на Скопје.
-Скопје може и мора да биде град за луѓето — чист, уреден, сообраќајно среден, зелен и безбеден. Град со кој ќе се гордееме, кој ќе биде наш дом, а не пазар на интереси, порача Шукова, нагласувајќи дека нејзината кампања е веќе започната со конкретни активности.
Клучните приоритети на Маја Шукова како кандидат за градоначалничка на Скопје се насочени кон создавање функционален, чист и безбеден град, со јасен фокус на решенија кои директно ги засегаат граѓаните.
Таа најави целосно чистење на Скопје и воспоставување ефикасни претпријатија за управување со отпадот, како и конкретен план за подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина – области во кои, како што вели, има значително искуство.
Во нејзината програма се вклучени и обнова на јавниот превоз за навремено и удобно движење низ градот, запирање на урбанистичкиот хаос со враќање на контролата на граѓаните врз урбанизмот, како и посветеност на одржување на постојната инфраструктура.
Шукова најавува и реформи за целосна дигитализација и искоренување на корупцијата, враќање на културниот и урбан дух на Скопје, како и зголемување на безбедноста на улиците, со цел секој граѓанин да се чувствува сигурно и удобно во секој дел од градот.
Програмата, како што рече, ќе се надградува преку средби со граѓаните и стручната јавност, со цел да се создаде реален и остварлив план.