Пејачот Виктор Апостоловски и водителот Миро Кацаров ќе станат татковци
По сè изгледа, на македонската сцена доаѓа времето на штрковите. И на естрадната и на водителската сцена! Така велат нашите најнови новинарски сознанија. Поп-пејачот (и водител) од Битола, атрактивниот Виктор Апостоловски, кој инаку, немаше среќа да ја претставува Македонија на Песна на Евровизија со песната „Супермен“, по која тогаш сите полудеа, овие месеци со сопругата Милена Доневска чекаат бебе.
Бебето наскоро им доаѓа, воедно и да им го разубави животот уште повеќе. Тие ќе станат родители на своето прво дете. Виктор ја сподели убавата вест додавајќи и неколку нивни атрактивни фотографии. Идните тато и мама, претходно беа во долгогодишна врска, а Виктор ја побара раката на саканата Милена пред две години. Потоа направија голема македонска свадба во Битола, според сите битолски народни (етно) обичаи.
И ТВ-водителот Миро Кацаров и сопругата Ивана бројат ситно до големиот ден, денот кога ќе станат родители. За Миро ова е прво дете, додека Ивана има една ќерка. И двајцата искрено се во исчекувањето на слаткиот малечок наследник Тадеј. Тие направија и интересна фотосесија.
– Џабе ти е животот, ако нема за кој да го живееш, гордо порачува идниот татко Миро. Тој искрено додава дека отсега па понатаму ќе живее за двете деца, Миа (која е од предходниот брак на Ивана) и, секако, за синот Тадеј. – Ти благодарам, Господе, за подароците што ни ги даде, вели пресреќниот Кацаров. (Д. М.)












