Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) ја стави во мирување најавената одлука за штрајк, која требаше да се реализира денеска. Претседателот на ССКЛМ, Александар Тасевски, изјави дека Синдикатот добил уверување дека се прифаќаат дел од нивните барања.
– Одобрено е барањето за нови вработувања на контролори на летање, како и спроведувањето функционална анализа што ќе ги утврди потребните работни позиции и бројот на извршители – рече Тасевски.
Сепак, тој најави дека Синдикатот ќе го оспори последниот конкурс за вработување во М-НАВ, за кој веќе реагираше и при најавата за штрајк.
– Не застануваме тука. Ќе продолжиме да бараме професионализам. Има неправилности во огласот, повторно дадовме шанса, но, очигледно, Управниот одбор нема намера да застане – изјави Тасевски.
ССКЛМ претходно побара поништување на огласот, оценувајќи дека не одговара на реалните и итни потреби на компанијата. Тие предлагаат пополнувањето на позициите да се изврши со внатрешна реорганизација и рационализација.
Раководството на М-НАВ, пак, тврди дека презема сериозни чекори за стабилизирање на компанијата, вклучувајќи нови вработувања, имплементација на нови технологии и реорганизација.