Штрајк против владините социоекономски реформи: Белгија три дена ќе биде без превоз, нема да работат училиштата, ќе сопрат комуналните услуги…  

21

Во организација на трите најголеми синдикати, во Белгија денеска почнаа серија штрајкови, кои ќе кулминираат в среда со 24-часовен генерален штрајк.

Штрајковите се во знак на протест против социоекономските реформи на белгиската Федерална влада. Синдикатите обвинуваат дека со новите мерки се намалуваат пензиите и социјалната помош, се зголемува ДДВ и, како што тврдат, се ограничуваат правата на работниците. Меѓу барањата на синдикатите, покрај повлекување на овие мерки, се и воведување даноци за богатите и за дигиталните гиганти и укинување на безусловните субвенции за големите компании.

Серијата штрајкови почнаа со прекини на работата во јавниот транспорт. Денеска  штрајкуваат и јавните служби и образованието, додека в среда, во текот на генералниот штрајк, ним ќе им се приклучат и другите вработени во државниот и во приватниот сектор, вклучувајќи го и воздушниот сообраќај, кој ги откажа сите летови од и до Белгија.

До среда навечер нема да функционира ни железничкиот сообраќај на националните линии. Во текот на сите три дена од штрајкот се очекуваат значителни прекини во функционирањето на метрото, трамваите и на градските автобуси во Брисел, но не е познат точниот обем на прекините на линиите.

До 27 ноември во утринските часови, најавен е и целосен или делумен прекин на фериботскиот сообраќај од белгиските пристаништа.

Во штрајк се и комуналните служби, ќе има делумен прекин на поштенските услуги и се очекува штрајкот да има минимално влијание на работата на маркетите.

Во сите три дена ќе штрајкува и полицијата, согласно со полицискиот правилник за прекин на работата.

 

ИЗДВОЕНИ