Пред неколку дена, НБА-лигата ја потресе мегаскандал, со обложување и со местење натпревари, а сè уште не е познато колку играчи и тимови се вклучени во истрагата. Сè започна со Тери Розиер и Чонси Билапс, а потоа Демион Џонс беше под истрага за наводно давање информации за Леброн Џејмс.
Сега, Шамс Чаранија објави дека НБА испратила итно известување до сите 30 тима во лигата за промени во правилата поврзани со пријавување на повредени играчи, тренинзи и информации за играчите, како и воведување на надворешна контрола во лигата.
„Со ширењето на нелегалното обложување во повеќето држави во Соединетите Американски Држави и повторното појавување на загриженоста за интегритетот во спортот, како и појавата на нови форми на обложување, ова е добро време да се обрне големо внимание на тоа како треба да се регулира спортското обложување и како спортските лиги можат да се заштитат себеси, своите играчи и своите навивачи.
Иако необичното обложување на Тери Розиер со ’помалку поени’ во март 2023 година беше веднаш забележано бидејќи облозите беа поставени легално, веруваме дека треба да направиме многу повеќе од правна перспектива за да го заштитиме интегритетот на НБА и на нашите придружни лиги. Обложувањето на индивидуалните перформанси на играчите е особено загрижувачко и бара дополнително внимание.
Исто така, започнавме со процесот на промена на правилата на лигата во врска со пријавувањето на повредени играчи, како и промена на правилата во врска со обуката и образованието на членовите на НБА-тимот. Сега, кога спортското обложување е составен дел од спортот, мора да направиме сè што можеме за да бидеме сигурни дека играчите, тренерите и другиот персонал во НБА се целосно свесни за ризиците од коцкањето врз нивните кариери и животи.
Треба да бидеме сигурни дека нашите политики за пријавување повреди се соодветни и дека играчите се заштитени од оние што се обложуваат.
Ние, исто така, бараме начини за подобрување на внатрешниот и на надворешниот мониторинг и сакаме подобро да ја користиме вештачката интелигенција и другите алатки за анализа на сите податоци од обложувалниците, како и податоците од социјалните медиуми и другите извори за идентификување на потенцијални проблеми“, се вели во соопштението на НБА-лигата.











