ШТО ПОКАЖА ПРВИОТ КРУГ ОД ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ? Власта го зацврсти мандатот, опозицијата во битка за второто место

Партиите од владината коалиција ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ извојуваа убедлива победа на завчерашното гласање, со што се потврди поддршка на граѓаните за нивните досегашни позиции и политики. Мерено со бројот на освоени градоначалнички места, се чини дека најголем изборен губитник е ДУИ на Али Ахмети, од каде што вчера немаше коментари за изборните резултати. СДСМ и Левица во расправа околу тоа која е втората најсилна партија. За политичките аналитичари, победата на владејачките партии не е изненадување со оглед на она што се случуваше во текот на кампањата. Аналитичарот Александар Ристевски вели за весникот ВЕЧЕР дека ваквиот резултат покажува дека СДСМ е оштетен бренд и дека е прашање дали оние што биле дел од него ќе се обидат да го воскреснат или ќе станат дел од некоја нова приказна

168

Силна и убедлива потврда на досегашните позиции и политики на ВМРО-ДПМНЕ и на „Вреди“, но и отворање на битката за превласт во редовите на опозицијата, чии досегашни водечки партии ќе мора да се преиспитуваат околу идното дејствување, е една од главните пораки на вчерашните локални избори. Победничките партнери во Владата сега ќе имаат власт и во најголемиот дел од најважните општини – ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг веќе доби 32 градоначалници, а „Вреди“ во пет. Овој број, сигурно, многу ќе се зголеми во вториот изборен круг. Паралелно со ова оди и големиот број нивни советници во општинските совети, што значи дека централната и локалната власт ќе бидат комотни во владеењето. Наспроти ова, опозицискиот СДСМ во првиот круг доби само три градоначалнички места, а НАИ четири, но сè уште не е разјаснето околу резултатот во Гостивар, каде што, неофицијално, недостигале 24 гласа за победа во првиот круг. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на синоќешната прослава во партиското седиште, порача дека граѓаните им ја дале довербата и избрале луѓе што веруваат во работа.

– Македонија не избра партија, туку насока. Избра вредности. Избра луѓе што веруваат во работа, а не во зборови. Но, оваа убедлива победа не е крај. Ова е само почеток на новата македонска енергија: мирна, одлучна и праведна. Оваа победа не е само наша. Таа е на сите што веруваат дека мора државата да се движи напред. Дека општините мора да растат. Да бидеме искрени, патот не е лесен. Но, Македонија има сила. Има и луѓе. Има и волја – порача Мицкоски.

Неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ, уште вчера претпладне побара оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, поради големиот пораз.

– СДС доживеа историски дебакл на овие локални избори. СДС во главниот град отиде дотаму да не може да влезе ниту во вториот круг. Во главниот град, Скопје, се дури четврти, пред нив, трета, е дури и „Вреди“. Загубија и во првиот круг, во бастионот Струмица. Единствениот добар и користен потег што може да го направи Филипче за народот и за самиот СДС е да поднесе оставка – соопштија од владејачката партија.

Славење и барање оставки имаше и во редовите на „Вреди“. И еден од лидерите, Изет Меџити, кој вчера беше избран за градоначалник на Чаир, побара оставка од Али Ахмети, лидерот на опозициската ДУИ.

– Со сета почит, ова е моментот кога мора да поднесете оставка. Гласот на Албанците ве испрати во политичка пензија. Битката беше за легитимитет. Тие сакаа да се мериме во Чаир и во Тетово. Таму е убедлива нашата победа. „Вреди“ е легитимен и е победник на овие избори – рече Меџити.

За политичките аналитичари, победата на владејачките партии не е изненадување со оглед на она што се случуваше во текот на кампањата.

– Реално, опозицијата имаше желба да ја дефокусира темата од локалните избори и СДСМ сакаше да зборува за ЕУ- интеграциите и за други теми, а ДУИ и Алијанса за теми поврзани со Албанците и примената на законите. Но, на крајот се покажа дека народот го заобиколи нивното дефокусирање и гласаше за понуда. Причината за убедливата понуда треба да се бара во реалната понуда, изборот на кадри, а во многу места – и во минатиот труд на досегашните носители на функции. Секако, тука многу придонесе и тоа што добар дел од кадрите беа познати уште од летото, па имаа време и да се докажат и да го изработат теренот – смета аналитичарот Александар Ристевски.

Сè уште нема оставки

Лидерот на опозициските социјалдемократи, Венко Филипче, по изборите изјави дека изборните резултати не се такви какви што посакувале.

– Овој резултат мислам дека не е тој што го посакувавме сите, меѓутоа би рекол дека, имајќи ги предвид околностите, не е лош резултат, особено што не насекаде, меѓутоа во еден добар дел од општините, навистина имаме зголемување на бројот на гласови кога ги споредуваме со ланската година. И тоа е еден доказ за таа консолидација што започна изминатите месеци. Не планирам да поднесам оставка, туку да продолжам да работам на консолидирање на партијата. Има огромен број луѓе до кои допираат нашите пораки и навистина, ова е еден почеток – рече тој.

СДСМ денеска до јавноста дистрибуираше и податоци од ДИК, од кои се гледа која партија добила помалку гласови споредено со парламентарните избори.

– Од обработени 3.471 од вкупно 3.474 избирачки места, што претставува 99,91 отсто од вкупниот број, ВМРО-ДПМНЕ добила поддршка од 301.919 гласачи, додека опозицискиот СДСМ освоил 125.824 гласа. На третото место е коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ, со над 114.246 гласа, додека коалицијата „Вреди“ добила околу 91.242 гласа. Политичката партија Левица добила поддршка од 57.063 гласачи, а партијата ЗНАМ 38.421. Коалицијата „Искуство за успех“ (ГРОМ, ЛДП, Интегра, ПЦЕР) освоила 13.000 гласа – соопшти ДИК.

За СДСМ, ова е потврда дека од минатата година ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ имаат загубено по речиси една третина од гласовите.

– Падот на ВМРО-ДПМНЕ е фантастични 135.000 или 30,8 отсто од гласовите, а ЗНАМ паѓа од 56.200 на 38.034 гласа, односно е најголем губитник и има загубено 33 проценти. СДСМ лани имаше 153.250 гласа, а сега 124.300 или за 18,9 отсто помалку – соопштија од оваа партија.

Сепак, според аналитичарот Ристевски, ваквиот резултат покажува дека СДСМ е оштетен бренд, во фаза на умирање.

– Прашање е дали оние што биле дел од него ќе се обидат по не знам кој пат да го воскреснат или ќе бидат дел од некоја нова приказна. Дефинитивно, СДСМ е заложник на Заев – смета овој аналитичар.

Мерено со бројот на освоени градоначалнички места, се чини дека најголем изборен губитник е ДУИ на Али Ахмети. Ова од причина што оваа партија водеше голем битка со „Вреди“, во чие јадро беше прашањето кој ќе биде репрезент на гласот на албанската етничка заедница во земјава, поради што ги најавува изборите и како „референдум“. Особено болни се поразите во скопски Чаир, Тетово, Теарце, Желино, Арачиново… За утеха на интегративците може да им послужи тоа што на советничките листи имаат нешто поголем број гласови од „Вреди“. Од редовите на ДУИ вчера не се огласија околу новите потези што ќе ги повлечат во иднина. Нивниот кандидат за Чаир, Бујар Османи, го призна поразот.

– Честитки до мојот противкандидат и до целата коалиција што застана зад него, тие се победници на изборите во Чаир. Доволно долго сум во политиката за да ги препознаам и почитувам пораките што ги испраќаат граѓаните. За следните политички чекори, во следните денови – напиша Османи на „Фејсбук“.

Според аналитичарот Ристевски, ДУИ веќе неколку години бара начин да се редефинира, но лошо ѝ оди.

– Прво станаа зелени и екологисти, обидувајќи се да се приближат до европските Зелени, што наиде на потсмев. Потоа направија голема коалиција со еден куп албански партии и партии на други етнички заедници, под името „Европски фронт“, бегајќи од ДУИ како име. Сега станаа НАИ, што покажува своевидна криза на идентитетот и нарушен бренд. Единствен бренд во структурите им остана Али Ахмети, кој, исто така, е демаскиран и ислужен – смета Ристевски.

Опозициски фронт за превласт

Од друга страна, изборниот епилог го отвори прашањето која е втора најсилна партија во земјава. Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, по изборите оцени дека нивната партија добила уште повидливо место, особено откако влезе нивниот кандидат, Амар Мецинивиќ, во втор круг во трката за скопски градоначалник.

– Од осуммина кандидати за градоначалници во 2021 година, сега имаме 20. Од 50.000 гласа, пораснавме на над 75.000. Од 48 советници, сега имаме над 70 советници. Тоа покажува стабилен раст и јасен сигнал дека Левица е сериозен политички фактор. Тоа значи дека нашата визија за пасокизација на СДС се оствари – рече Апасиев.

Но, на ова од редовите на СДСМ одговорија дека Левица сумарно има 2,2 пати помалку гласови од нив.

– Остануваме втора најсилна партија – соопштија вчера опозициските социјалдемократи.

Аналитичарот Ристевски, пак, смета дека на овие избори Левица стигнала до преодна фаза во која „или ќе продолжи да расте или ќе стагнира“. Односно дека има гласови и влијание, пред сè, во Скопје, но нема никаде градоначалник или носител на функција. (Б. Ѓ.)

 

Избирачите од странство го намалија одѕивот

Ваквиот пад во бројот на гласови што сега ги добиле партиите, споредено со ланските парламентарни избори, сигурно се должи и на најмалиот одѕив, кој се случил завчера. Првпат, имено, тој нема да надмине 50 проценти во првиот круг. Според обработените податоци од 99,94 отсто од избирачките места, излезноста од 48,29 проценти ќе биде најмала досега. Досега најмала излезност имаше во 2017 година, со 50,57 отсто. Но, во вкупниот број избирачи, од 1.832.415, се запишани и 112.000 лица што се со привремен престој во странство. Најголем дел од нив не допатувале во земјава за да гласаат, со што просекот на излезност станал понизок. Така, со вкупно 883.937 гласачи што излегле на избирачките места во ситуација кога има 1.720.415 запишани избирачи во земјава, одѕивот би бил над 51 процент.

Од друга страна, по гласањето е утврдено дека имало и 49.957 неважечки ливчиња.

 

Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, со голема предност во вториот круг

Кандидатот за градоначалник од ЗНАМ, Максим Димитриевски, освои 37,89 проценти или 16.183 гласа, според податоците на Државната изборна комисија. Во вториот круг влегува и независниот кандидат Горан Стојковски-Диро, со освоени 13,92 проценти или 5.946 а Завчера, Димитриевски, заедно со кандидатите за советници од листата движење ЗНАМ и со коалициските партнери, славеше победа.

– Ако има втор круг, ЗНАМ дефинитивно ќе биде победник на претстојните локални избори, бидејќи повеќе од јасна е желбата на граѓаните, кои препознаваат континуитет и развој на овој град и сакаат Куманово да продолжи да се развива во тој дух – изјави Димитриевски.

Во однос советничката листа, движењето ЗНАМ освои седум советнички места, со вкупен број гласови 8.324. Зад нив е листата предводена од ВМРО ДПМНЕ, со шест освоени советници или во гласови 7.477. Коалицијата предводена до ДУИ во Куманово ќе има петмина советници, со 5.780 освоени гласа. СДСМ ќе има во Советот четворица советници, со 4.629 гласа. „Братска листа“ на ДПСМ има тројца советници со 3.603 освоени гласа. Тројца ќе има и „Вреди“, со 4.023 освоени гласа. Движењето „Ред за Куманово“ ќе има двајца советници, со 3.324 освоени гласа и Левица ќе има еден советник, освојувајќи 1.981 глас. Инаку, за 31 советничко место во првиот круг имаше 14 листи.

И кандидатот на ЗНАМ во скопската општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, влезе во вториот круг во градоначалничката трка. Тој освои 5.707 гласа, а противкандидатот Горан Герасимовски од СДСМ 8.535.

Од друга страна, според неофицијалните податоци на ДИК,  движењето ЗНАМ на сите советничките листи освоило 38.421 глас.

ИЗДВОЕНИ