Претседателот на Управниот суд за ВЕЧЕР ја потврдува одлуката за повлекување на изборот на уставната судијка Елизабета Дуковска од 2023 година. Со нејзиниот избор две институции постапиле противуставно, првата е Судскиот совет, преку ускратување на правото на еднаква можност на останатите кандидати, а втората е Собранието, кое со 64 гласа „ЗА“ ја избра Дуковска за уставна судијка. Африм Гаши, претседател на Собранието за утре најави известување до Судскиот совет, од кој ќе бара нова постапка за избор според насоките на Управниот суд. Инаку, тужителот – судијката Антоанета Димовска, која пред две години била една од трите кандидатки за уставен судија, сега е актуелен член на Судскиот совет. Одлуката на Уставниот суд доаѓа непосредно пред подготвителната седница за оспорениот закон за јазиците
Собранието утре треба да ги извести двете судски тела, Уставниот суд и Судскиот совет дека уставната судијка Елизабета Дуковска, која е актуелна по предметот за оспорениот Закон за јазиците, била избрана противуставно и треба да се повлече од функцијата. Ваквата одлука доаѓа по пресуда на Управниот суд, донесена по тужба од страна на судијката Антоанета Димовска, која во 2023 година била еден од тројцата кандидати за уставен судија, а сега е актуелен член на Судскиот совет. Одлуката за избор на судија на Уставниот суд на Македонија од 10.4.2023 година на Собранието, која била донесена по предлог од Судскиот совет, а која сега е поништена, образложува дека двете институции направиле прекршувања на процедурите и Уставот, едната на чело со поранешната претседателка Весна Дамева, а втората со екс-спикерот Талат Џафери.
Видно од записникот на седницата на Судскиот совет за избор на уставен судија од редот на судиите, било утврдено дека има тројца кандидати и тоа Елизабета Дуковска, судија на Апелациониот суд Скопје, Татјана Сусулеска, судија на Апелациониот суд Битола и Антоанета Димовска, судија на Основен граѓански суд Скопје. На седницата, според тужбата објавена на порталот експрес.мк не биле оценети секој од кандидатите и не била утврдена ранг листа, а како потврда на ова тврдење бил и фактот дека на ниту еден од членовите на Судскиот совет со право на глас, не му била доставена биографија на трите предложени кандидати.
Во тужбата понатаму стои дека по утврдувањето на редоследот на гласање, се пристапило кон гласање за прво предложениот кандидат Елизабета Дуковска, па од вкупно 13 гласови , 11 гласа биле „за“, додека „против“, гласале 2 члена на Судски совет, па со оглед дека бил исполнет законскиот услов да гласаат најмалку 8 члена со право на глас, претседателот на Судски совет констатирал дека е утврден предлогот за кандидат за избор на судија на Уставен суд од редот на судиите, односно истиот не допуштил гласањето да продолжи за останатите двајца кандидати и на тој начин им го ускратил правото на еднакви можности да бидат утврдени како предлог за избор на уставен судија.
„Според записникот на седницата немало никаква расправа за оценките за кандидатите и со тоа начинот на кој бил утврден редоследот на гласањето за кандидатите бил арбитрарен и целосно спротивен на правилата на постапката бидејќи тие не регулираат ваков редослед на гласање, а на членовите на Судскиот совет им било познато дека нема правила за начинот на рангирање на кандидатите за избор на судија на Уставен суд, поради што не смеело да се ускрати можноста да се гласа за трите кандидати наместо само за првиот“, се дел од повредите кои ги направил Судскиот совет, а ги навел тужителот во барањето за поништување на изборот на Дуковска.
Во изјава за весникот ВЕЧЕР, претседателот на Управниот суд Бурим Сејдини ја потврдува одлуката и вели дека ќе ја образложеле во текот на денешниот ден. Сејдини кој во минатото бил општински секретар на Зајас и чиј избор за претседател во јавноста се поврзуваше со ДУИ, не сакаше да коментира за тајмингот на одлуката.
Правна ситуација е нова за законодавниот дом и за Уставниот суд каде Дуковска ја остварува функцијата веќе две години. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, најави допис до Судскиот совет да спроведе постапка во согласност со насоките на Управниот суд, односно да ги стават сите кандидати на гласање, а потоа да достават нов предлог до Собранието.
Решението за повлекување на уставната судијка Елизабета Дуковска се случува непосредно пред одржување на подготвителната седница за Законот за јазиците, каде судија известител е токму таа.
Од Уставниот суд викендов се воздржаа од коментар по прашањата што со предметите на кои работи Дуковска. Меѓу нив и тој за измените во Кривичниот законик, со кои се амнестираа корумпирани функционери, а кој во нејзината фиока беше од септември 2023 година. За измените за кои се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста, Дуковска тогаш рече дека Уставниот суд не е надлежен да решава. Таа не го сработила предметот во времето на претседателката Добрила Кацарска, па ни веднаш кога беше избран сегашниот претседател Дарко Костадиновски, туку по смената на власта во 2024. Весникот ВЕЧЕР тогаш пишуваше дека од неа било побарано ажурност во постапување на предметот (П.А.)