Што навистина го бутна енергетскиот систем?

Доколку не се преземат мерки, повторно може да ни се случи распад на електроенергетскиот систем, велат енергетските експерти. Според нив, најважно да се испитаат сите можни причини што довеле до прекин на напојувањето со електрична енергија, односно, со други зборови, ако ја знаеме болеста, ќе го знаеме и лекот. Освен високиот напон во мрежата, според професорот Дејан Трајковски, една од можните причини што довеле до прекин на електричната енергија е и високата моќност на инвертерите од фотонапонските централи

61

Откако во неделата изутрината половина држава остана без струја, граѓаните сè уште чекаат конкретен одговор зошто се случи тоа и дали е можно да се повтори. Од АД МЕПСО излегоа со објаснување дека дефектот е поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија во текот на ноќните часови и викендите во овој период од годината. Со ова објаснување генерално се согласија и енергетските експерти, кои велат дека сега е најважно да се испитаат сите можни причини што довеле до прекин на напојувањето со електрична енергија. Дел од нив не ја исклучуваат можноста дека прекинот на струја го предизвикале моќните инвертери од фотонапонските централи доколку биле оставени приклучени на мрежата во стенд-бај режим.

– Слушнавме повеќе можни објаснувања за „блекаутот“, а би сакал да посочам на уште една можна причина. Имено, во неделата рано изутрината се појавил премногу висок напон во мрежата, како последица на голема реактивна моќност што дошла од македонска и од српска страна. Во комбинација со многу ниското ниво на активна моќност поради малата потрошувачка и малото производство на електрична енергија, што е вообичаено преку викендите, а особено ноќе, дошло до пренапон. Од електротехниката е познато дека кревањето на напонот може да предизвика таканаречената капацитивна реактивна моќност. Бугарија реагирала на тој начин што ја компензирала оваа реактивна моќност, колку што можела, па на тој начин го ограничила пренапонот. Доколку на македонската страна, во тој период, работел само еден генератор во РЕК „Битола“, нашите можности за компензирање биле ограничени, поради што се појавил пренапон, кој довел до исклучувања на 110-киловолтните трафостаници, во обид да се спаси целиот систем од распад – појасни за весникот ВЕЧЕР универзитетскиот професор од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски.

Ова го потврдува и извештајот на МЕПСО, според кој причина за овој прекин се високите напони на 400-киловолтната мрежа во целиот регион, што го афектираше нашиот систем и го предизвика краткотрајниот испад на енергетските трансформатори 400 /110 киловолти во трансформаторските станици. Оттаму додаваат дека станува збор за регионален и за европски проблем со кој се соочуваат речиси сите преносни систем-оператори.

Според професорот Трајковски, причина што предизвикала толкава капацитивна реактивна моќност се моќните инвертери од фотонапонските централи, кои иако во ноќните и во раните утрински часови не произведувале активна моќност, доколку биле оставени приклучени на мрежата во стенд-бај режим, испорачувале капацитивна реактивна енергија.

– Ако ја знаеме болеста, ќе го знаеме и лекот. Затоа сега е најважно да се испитаат сите можни причини, меѓу кои и претходно опишаниот проблем со инвертерите, кои работаат без оптоварување. За таа цел, ќе биде потребен мониторинг на реактивната моќност во мрежата од инвертерите, нивно дистанциско управување, конфигурирање да не испорачуваат реактивна моќност кога не произведуваат активна моќност, развој на алгоритми за рано предвидување пренапонски ситуации и некои други мерки. Доколку ги затвориме нашите термоцентрали со класични генератори и доколку не се преземат погорните мерки, ќе се влошат проблемите со оглед на сè поголемата распространетост на фотонапонските и на ветерните централи и нивните моќни инвертери – објаснува Трајковски.

Тој предлага хибридни системи за складирање на енергијата, што се особено актуелни во последно време, во контекст на обновливите извори на енергија.

– Батериските системи реагираат многу побрзо од класичните генератори, ги стабилизираат фреквенцијата и напонот и веднаш по исклучување на интерконекцијата, може да го поддржат целиот систем неколку минути, додека другите извори стартуваат и се синхронизираат. Реверзибилните хидроцентрали, пак, обезбедуваат висока инерција и моќност за стабилизација и имаат капацитет да работат во островски режим со прецизна регулација. Може да се префрлат од генерирање на пумпање во краток рок, мерлив со минути, според потребите на системот – појаснува Трајковски.

И енергетскиот експерт Константин Димитров смета дека проблемот е во преносната мрежа. Најверојатно, како што рече, требало да се ослободи автопатот за пренос на електрична енергија, бидејќи било потребно да се пренесе големо количество струја во Бугарија, Грција или во Европа заради балансирање. Значи, за да се избалансира електричната енергија, тие побарале кој има вишок електрична енергија, да префрли во мрежата за да се заштити системот.

Тој појаснува дека проблемот не е внатре во системот, туку во преносната мрежа и доколку не се преземат соодветни мерки, може да се повтори.

Инаку, електричната енергија во повеќе градови се врати во функција за еден, а некаде за два часа по прекинот и се стабилизираше електроенергетскиот систем.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ