Што ќе си кажат Кошта и Мицкоски за еден школски час?

Со посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Скопје, Европската Унија со засилен дипломатски ангажман испраќа јасни пораки за неопходноста од спроведување реформи и усвојување уставни измени како предуслов за деблокирање на македонскиот пат кон ЕУ, додека македонската Влада останува цврсто позиционирана на своите црвени линии и бара конкретни, недвосмислени и обврзувачки гаранции за полноправно членство во Унијата. Фокусот на ЕУ кон Македонија доаѓа во време на политички поделби на домашната сцена. Јасни се пораките од Брисел дека има засилена поддршка за земјава, но и дека времето за носење одлуки истекува, а иднината на Македонија во европското семејство ќе зависи од храброста, одговорноста и подготвеноста за компромис на сите политички актери во земјата, во услови кога европските интеграции се наоѓаат на историска раскрсница. Според агендата на високиот дипломат од Брисел средбата со македонскиот премиер ќе трае 45 минути, па се поставува прашањето дали за еден школски час, двајцата соговорници ќе имаат можност освен што ќе си ги кажат позициите да направат и некое поместување

505

Посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, утре во Скопје се случува во атмосфера на јасно поставени црвени линии од македонската влада. Кошта, кој турнејата низ Западен Балкан, ја најави како потврда на посветеноста на ЕУ кон регионот и сигнал за нова фаза во процесот на проширување, денеска во Скопје ќе се сретне со највисоките државни претставници и лично ќе слушне како Македонија гледа на европскиот пат и на неопходните реформи. Премиерот Христијан Мицкоски денеска јасно порача дека ќе го пречека Кошта со старите познати ставови за уставните измени, односно дека ќе му ги пренесе ставовите на Владата и граѓаните во врска со барањата за промена на Уставот, што значи дека нема да има отстапки без конкретни и цврсти гаранции за членство во ЕУ. Оваа позиција значи дека на маса ќе бидат повторно истите барања – уставни измени само со одложено дејство и само ако ЕУ даде недвосмислена гаранција за македонската интеграција. И според најавите од владината прес-служба дека средбата ќе трае 45 минути, не се очекува дека ќе има некои посебни убедувања, туку само презентирање на барањата од страна на Брисел и позициите на Скопје.

Одговарајќи на новинарско прашање какви се очекувањата од посетата на првиот човек на Европскиот совет и какви пораки ќе бидат пренесени, премиерот Мицкоски вчера се повика на познатите ставови на македонската Влада, во ситуација кога од Бугарија нема сигнал за промена во однесувањето.

-Нашите ставови се јасни во врска со уставните измени и тука нема промена, затоа што другата страна ние не гледаме барем во овој момент било каков сигнал дека има промена во однесувањето, односно од страна на нашиот источен сосед. Јас жалам што е тоа така и се надевам во периодот што следува повеќе ќе зборуваме за решенија отколку за проблеми, изјави Мицкоски и додаде дека по состаноците тука, на покана на Кошта, ќе го придружува на неговиот лет од Скопје до Тирана, каде што претседателот на Европскиот совет ќе приреди вечера за лидерите на Западен Балкан, а утре ќе имаат состанок на Европската политичка заедница во Тирана.

Пред да тргне на турнеја низ земјите од регионот, Кошта изјави дека проширувањето кон Западен Балкан е еден од приоритетите на ЕУ и ги повика земјите кандидатки да се посветат на реформите. Тој истакна дека „земјите од ЕУ и Западен Балкан делат заедничка визија, бидејќи припаѓаат на европското семејство“ и дека во рамките на Европскиот совет постои широк политички консензус дека проширувањето е најважната геополитичка инвестиција што може да се направи за стабилноста, мирот и просперитетот на цела Европа, вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан.

Посетата на Кошта доаѓа во клучен момент за македонските евроинтеграции, кога одблокирањето на патот кон Унијата е условено со усвојување на уставните измени, а во услови на поделеност на домашната политичка сцена. Во вакви услови, од посетата на Кошта не се очекуваат драматични пробиви, туку повеќе засилување на притисокот од Брисел за деблокада на европскиот пат и јасни пораки за неопходноста од реформи. Сепак, со оглед на цврстите позиции на Владата, веројатно е дека разговорите ќе останат во рамки на добро познатите разлики, а напредокот ќе зависи од подготвеноста на двете страни да изнајдат компромис во идниот период. Очекувањата се дека оваа посета ќе донесе засилена поддршка, но и јасни пораки: времето за одлуки истекува, а иднината на Македонија во Унијата зависи од храброста и одговорноста на домашните политички актери.

Полскиот амбасадор во земјава Мариуш Бримора, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, деновиве рече дека посетата на претседателот на Советот на Европската Унија, Антонио Кошта, на Скопје е уште еден силен сигнал на приоритетите на ЕУ и оти фактот што го посетува Западен Балкан, тоа што доаѓа во Скопје, е доказ дека се подготвени за проширување.

Известувачот на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, пак, на средбата во Брисел му потенцирал на македонскиот министер за европски прашања Орхан Муртезани дека процесот на уставни измени, иако комплексен, останува неопходен чекор на европскиот пат на земјава, кој бара одговорен пристап и обединување околу заедничката визија за европската иднина.

Посетата на Кошта на Скопје е дел од неговата турнеја во земјите од Западен Балкан, во чии рамки претходно ги посети Белград, Сараево, Подгорица и Приштина, а од Скопје оди во Тирана. Целта на посетата на Кошта на регионот е да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и перспективата на земјите од Западниот Балкан за членство во Унијата.

По Кошта, бриселскиот ангажман, што го најави и евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас ќе продолжи со посетата на високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, која според најавите, треба да допатува во Македонија до крајот на месецот, што според познавачите е показател за волјата на Брисел да го откочи патот на земјава кон Унијата. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ