Уште еднаш се покажа дека граѓаните мораат двапати да отвораат очи за тоа што купуваат! И покрај засилените акции и вонредните контроли на Агенцијата за храна и ветеринарство, небезбедна храна повторно завршува на пазарите. Од јаткасти плодови до зачини со истечен рок, производи без декларација и со сомнително потекло се откриени и уништени, но ова е само потсетник дека секој од нас мора внимателно да ја проверува храната пред да ја стави на трпеза.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), изминатата недела, при спроведена вонредна контрола кај оператор со храна, заплениле и уништиле приближно 37 тони храна. Како што соопшти Агенцијата, биле запленети и уништени јаткасти плодови, зрнести и мешункасти производи и разни зачини без декларации и на кои рокот на употреба им бил истечен од една до две години.

– По добиена пријава, со интервенција од Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје, АХВ спроведе вонреден инспекциски надзор на возило во кое се превезувало храна со непознато потекло, на подрачјето во општина Чучер-Сандево. При извршениот надзор пронајдени се 1.060 килограми кршени ореви и 581 килограми кикиритки во зачинета обвивка, во рефус состојба, без идентификација и без потребни информации за потрошувачите. Во рамки на истата пратка со надзорот најдени се и 900 килограми индиски ореви, со декларација. Бидејќи производите биле без соодветна документација за потекло и квалитет, согласно со Законот за безбедност на храна, затечените количини се прогласени за небезбедни и истите ќе бидат нештетно уништени, соопштија од АХВ.
Оттаму додаваат дека против лицето затечено при контролата е поведена прекршочна постапка за пуштање во промет небезбедна храна, односно, заради пуштање во промет на храна од страна на нерегистриран оператор и немање потребни информации за потрошувачите. На сторителот му е изречена глоба од 600 евра во денарска противвредност.
АХВ информира дека во изминатата недела биле спроведени вонредни контроли и кај други оператори со храна – месарници, ресторани, сендвичарници, маркети. Поради утврдени недоследности – нерегистрирани оператори со храна, неспроведени задолжителени обуки на вработените за безбедност на храната, пуштање во промет небезбедна храна и слично, операторите со храна и нивните одговорни лица се казнети парично и им се изречени привремени забрани за вршење дејност.
– Издадени беа и наредби за отстранување на утврдените недостатоци со контролите, а затечената небезбедна храна беше нештетно уништенa, посочуваат од АХВ во соопштението и додаваат дека Агенцијата ќе продолжи со спроведување на засилени контроли на терен, со цел спречување на пласман на небезбедна храна и заштита на здравјето на потрошувачите.
Пред еден месец, инспекциските служби на АХВ спроведоа инспекциски контроли и во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности беа издадени 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови беа констатирани само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса беа утврдени во две кујни. Поради погрешно декларирање, беа уништени 59 килограми храна. Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни тогаш изрекоа една парична казна и донесоа пет решенија со наредба за нивно отстранување.












