Една од највпечатливите претставнички на овогодинешната Евровизија е секако Миријана Конте, претставничката на Малта. Таа победи на Евровизија во Малта (MESC) 2025 и ќе ја претставува Малта со песната „Serving“.
Миријана Конте е родена на 17 декември 2000 година во Валета, главниот град на Малта. Нејзината музичка кариера започна во 2017 година. Иако претходно учествувала на неколку изданија на MESC и талент шоуто X Factor Malta, песната „Serving“ го означува нејзиното прво појавување на Евровизија.
Зошто на EBU ѝ пречеше името на песната?
На Евровизискиот натпревар за песна во Малта (MESC) 2025, Миријана победи со песна првично насловена како „Kant“, што на малтешки значи пеење. Малта беше принудена да го промени името на својата песна за Евровизија 2025 откако Европската радиодифузна унија (EBU) побара измени поради потенцијално недоразбирање во врска со англиски збор што има навредливо значење.
Поради нејзината фонетска сличност со англиски вулгаризам, EBU одлучи дека песната не може да се емитува во таа форма. По жалбата од британската телевизиска станица Би-Би-Си, која истакна дека песната не може да се емитува пред 21 часот поради строгите јазични правила, ЕБУ побара промена на насловот и делумни измени на текстот на песната.
Малтешката претставничка Миријана Конте изрази разочарување од оваа одлука, но сепак го измени насловот на песната и го отстрани контроверзниот збор. Новото име задржува слична мелодија и порака, но без зборот „Kant“.
Оваа ситуација предизвика контроверзии во Малта, каде што многумина сметаа дека постои дискриминација кон малтешкиот јазик. Министерот за култура Овен Боничи ја нарече оваа одлука „уметничка цензура“ и најави можност за преземање правни мерки против ЕБУ.
Оваа година, Малта ќе настапи во втората полуфинална вечер на 15 мај.