Најстарата штипска културна манифестација Штипско културно лето, годинава, ќе се одржи по јубилеен 40. пат.
Кирил Панајотов, вработен во Општина Штип, изјави дека манифестацијата почнува од 24 јуни, а низа од културно-уметнички содржини ќе има до 30 јули. Предвидени се вкупно 35 настани, кои ќе одржуваат на повеќе локации.
Со оглед на интересот, организаторите повикуваат публиката навреме да ги следи објавите и распоредот на настаните.
-Јубилејното издание на Штипско културно лето е веќе подготвено и можеме да стартуваме. Почнуваме од следната недела од 24 јуни и сè до 30 јули. Имаме вкупно 35 содржини и се трудиме да го задоволиме интересот на публиката – изјави Панајотов.
Програмата опфаќа разни културно-уметнички содржини, концерти, претстави, изложби.
Панајотов истакна дека Штипско културно лето останува важна платформа за промоција на културата и литературата, особено кај младите генерации, и продолжува да ги негува вредностите во градот.
Манифестација Штипско културно лето целосно е поддржана од Општина Штип.