четврток, февруари 26, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Штипјани се подготвуваат за Ч’трсе

Штипјани се подготвуваат за Ч’трсе

32

Штип се подготвува за милениумскиот обичај Ч’трсе. Со искачување на тврдината Исар и фрлањето на 40 каменчиња кон реката Брегалница, штипјани го негуваат обичајот, кој е предвесник на пролетта.

Директорот на Домот на млади – Штип, Видан Лазарев, најави богата музичко-забавна програма. Литературни читања, музика, настапи на локални бендови и гости од други градови, организаторите подготвуваат целодневен настан за сите генерации граѓани. Централните случувања се планирани во Домот на млади, во зависност од временските услови.

– Општината е подготвена за следното издание на традиционалното Ч’трсе. Како и секоја година, имаме повеќе културни настани на овој ден. Најчесто ги почнуваме настаните со литературната дејност каде што се промовираат и учествуваат поетите од нашиот град, меѓутоа и поетите од останатите градови. Потоа, продолжува  музичката програма, која ние ја подготвуваме секоја година. Во преговори сме да има гости однадвор, како во литературниот, така и во музичкиот дел. Се надеваме дека ќе успееме да се договориме и со некои од локалните фолклорни друштва, да настапат на овој ден, како традиција која трае со години – рече Лазарев.

Обичајот Ч’трсе е прво нематеријално културно наследство од нашата земја, кое е впишано на листата на УНЕСКО. Во Штип, на Ч’трсе сè е во знакот на бројот 40. Младите, па и повозрасните, додека се искачуваат на тврдината Исар, се поздравуваат со 39 лица, а 40-тото се бакнува, се собираат и 40 каменчиња, 39 се фрлаат кон реката Брегалница, а 40. се носи дома, се става под перница и се верува дека таа вечер се сонува животниот сопатник. Домаќинките прават 40 тиганици, пишии, а домаќините нудат по 40 чаши ракија.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ