Штипјанецот Зоран Николов, истакнат планинар и член на ПСК „Осогово“ – Кочани, успеа да го совлада највисокиот врв на Европа – Елбрус (5.642 метри надморска височина), сместен на планинскиот масив Кавказ во Русија.
Овој подвиг доаѓа по десетдневна експедиција, со што Николов уште еднаш ги покажа упорноста, дисциплината и љубовта кон планинарењето. Тој претходно имаше значајни искачувања на: Арменија; врвот Арарат во Турција; масивот Памир во Киргистан; Алпите во Швајцарија, Италија и во Франција, како и на врвот Аконкагва во Аргентина.
Николов е еден од најистакнатите планинари во источна Македонија, а годинава, на изборот за спортист на годината во Штип, доби признание и плакета за спортски амбасадор на Град Штип.
Со овој успех, тој заокружува уште една голема страница во својата богата планинарска историја и претставува вистинска инспирација за сите сегашни и идни љубители на планината.