Над 4.300 парчиња пиротехнички средства се пронајдени и одземени во Штип, а едно лице е приведено во полициска станица.
Како што информираат од МВР, вчера вечерта во 20:15 часот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода М.Н.(47) од Штип.
При преглед на неговата тезга на плоштад „Слобода“ во Штип, полициските службеници пронајдоа и одзедоа 1.340 парчиња разновидни пиротехнички средства. Подоцна, со судска наредба, извршен е и претрес во неговиот дом, при што се пронајдени уште 2.993 парчиња различни пиротехнички средства.
Лицето е задржано во полициска станица и за настанот е известен јавен обвинител. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по член 396 од Кривичниот законик, информираа од МВР.












