Штип ќе биде првиот град во кој ќе се отвори Центар за рехабилитација на лицата со посебни потреби

Во Центарот за рехабилитација на лицата со посебни потреби, дневно ќе може да се згрижуваат 24 лица и со нив да се работи на подобрување на нивната состојба. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, се надева дека веќе наредната година, откако просторот ќе се реновира, Центарот ќе биде ставен во функција. Освен отворањето на Центарот за рехабилитација, во блиска иднина се планира и отворање на Центар за младинци. Во него ќе можат да се вклучат сите граѓани, како и пензионери кои со своите вештини и искуства би можеле да го збогатат животот на децата и на младинците со попреченост. Особено место тука би имале пензионерите музичари, уметници, спортисти, логопеди

17

Распишан е тендерот за преадаптација на дел од просториите во средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“ во Центар за рехабилитација на лицата со посебни потреби. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, истакна дека постапката ја реализира ресорното министерство за социјална политика, демографија и млади.

Зоран Мијалков од Здружението „Сплотени срца“ во Штип, воедно и самохран родител на две деца со посебни потреби, вели дека со нетрпение очекуваат да се реализира овој проект. Центарот ќе им овозможи на младинците преку разни терапевтски активности да стекнат вештини за самостоен и независен живот, а ќе биде сместен во просториите на средното текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“. Дневно ќе може да се згрижуваат 24 лица и со нив да се работи на подобрување на нивната состојба.

 – Рана рехабилитација на дечињата, работа со логопеди, дефектолози, физиотерапевти и со други стручни луѓе. Многу е важно да има негуватели, кои пред сè, ќе ја имаат човечката нишка кон овие деца. Многу е важна терапијата да е  преку игра и љубов – рече Мијалков.

Изградбата и опремувањето на Центарот ќе чинат околу 11 милиони денари, 11 % треба да кофинансира општината.

Градоначалникот Јорданов се надева дека веќе наредната година, откако просторот ќе се реновира, Центарот ќе биде ставен во функција.

Освен професионалци, во работата на Центарот активно треба да се вклучат и родителите, а по четири часа, во две смени, да се разделат децата од младинците.

– Нема да може да се опфатат сите, треба да има разбирање од страна на родителите. Во почетокот, за да се опфатат сите, можеби ќе треба и ден да оди, па два дена да одмора. Така да биде додека Центарот почне убаво да работи. Меѓутоа и тоа е исчекор, и тоа е помош. Некогаш и еден час, за да отидеш на заболекар, ти е многу важно да знаеш каде ти е детето, дека е згрижено и дека некој работи со него – изјави Мијалков.

Освен отворањето на Центарот за рехбилитација, во блиска иднина се планира и отворање на Центар за младинци. Во него ќе можат да се вклучат сите граѓани, како и пензионери кои со своите вештини и искуства би можеле да го збогатат животот на децата и на младинците со попреченост. Особено место тука би имале пензионерите музичари, уметници, спортисти, логопеди.

Јорданов информираше дека за земјиштето за Центарот за младинци, кој ќе се гради на градежна парцела меѓу населбите Железничка и Пребег, во тек е процесот на експропријација, бидејќи се јавиле тројца сопственици на дел од земјиштето. Еден од нив ја обжалил сумата, и сега се чека одлука од судската власт за висина за експропријација на неговиот дел од земјиштето.

Веднаш кога ќе заврши оваа постапка, општината ќе им го додели земјиштето во сопственост на Здружението „Сплотени срца“, а родителите ќе можат да ја почнат и постапката за изградба на овој Центар.

 

ИЗДВОЕНИ