Штип и Скопје предводат во трошоците за украсување со вкупно 266.000 евра

28

Општините потрошиле 785.333 евра, а фирмата „Линк медиа плус“ добила 78 % од вредноста на сите договори; тендерите, главно, се спроведувале без конкуренција

На врвот од листата на најголеми трошачи за новогодишно украсување се Општина Штип и Град Скопје со околните пет скопски општини. Општина Штип потрошила 81.000 евра, додека Скопје и петте скопски општини заедно издвоиле 185.000 евра.

Според податоците на Центарот за граѓански комуникации, речиси сите овие договори ѝ биле доделени на фирмата „Линк медиа плус“. Ако подетално се анализира, тогаш, за украсување, Општина Штип потрошила 111 денари од жител, додека Скопје – 8 денари.

Инаку, 36 општини во Македонија спровеле новогодишно украсување и потрошиле вкупно 785.333 евра, при што „Линк медиа плус“ добила 78 % од вредноста на сите договори – 615.052 евра. Повеќе од еден договор добиле и фирмите „Димензија 360“ за општините Валандово, Гевгелија и Дојран и „Грин веј“ за Општина Битола и за Ресен. Другите 12 фирми добиле по еден договор.

На дното од листата се општини со трошоци под 10.000 евра, меѓу кои Неготино (9.590 евра), Куманово – ЈП „Куманово паркинг“ (9.402 евра), Ресен (9.210 евра), Дојран (8.927 евра), Свети Николе (6.407 евра), Градско (5.756 евра), Демир Капија (5.756 евра), Богданци (4.855 евра), Сопиште (4.056 евра) и Новаци (2.878 евра).

Истражувањето покажува дека тендерите за украсување се спроведувале, главно, без конкуренција.

– Тендерите за новогодишно украсување се спроведувани, главно, без конкуренција. Просечниот број понуди на еден тендер изнесува само 1,15, што е далеку под препорачаниот минимум за обезбедување пазарна конкуренција. Притоа, во дури 27 од вкупно спроведените 32 тендерски постапки била доставена по само една понуда. Вредноста на договорите во кои била доставена по само една понуда изнесува дури 91 %. Отсуството на конкуренција ја доведува во прашање реалноста на трошоците за украсување – наведуваат од Центарот за граѓански комуникации.

Дополнително, 94 % од договорите биле склучени во декември, на нецели две недели пред Нова година, што ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми.

– Тендерите, традиционално, се склучуваат доцна во годината. Дури 30 од 32 договори се склучени во декември, со тоа што потписот на дел од нив е ставен нецели две недели пред Нова година. Ваквото постапување е проследено и со непочитување на законската обврска до Електронскиот систем за јавни набавки да се достави известување за склучениот договор, најдоцна 10 дена од денот на склучувањето. Голем дел од општините не го почитувале овој законски рок – е констатирано во истражувањето.

Од ЦГК велат дека доцното објавување на огласите за јавна набавка, и оттука склучување на договорите во декември, сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите што биле ангажирани и претходно и веќе располагаат со соодветна опрема.

(А. П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ