Американскиот претседател Доналд Трамп денес повтори дека е „прилично јасно“ дека Уставот на САД не му дозволува да се кандидира за трет мандат како претседател и нагласи дека е „срамно што е така“, но дека ќе „види што ќе се случи“.
„Врз основа на она што го прочитав, претпоставувам дека не ми е дозволено да се кандидирам, па ќе видиме што ќе се случи“, им рече Трамп на новинарите во „Ер Форс Уан“ на пат кон Јужна Кореја, каде што присуствува на регионален самит, објави Си-Ен-Ен.
Трамп рече дека е на највисоко ниво во анкетите и дека е штета што не му е дозволено повторно да се кандидира.
Претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, ја отфрли можноста за трет мандат на Трамп, нагласувајќи дека каква било промена на Уставот би била можна само откако Трамп ќе ја напушти функцијата.
Трамп претходно зборуваше за трет мандат, а капи со неговото име за 2028 година се изложени во Овалната соба.
Шпекулациите беа дополнително поттикнати од интервјуто со Стив Банон, поранешен советник и влијателен човек на MAGA („Make America Great Again“), кој тврдеше дека „постои план“ за трет мандат, што некои претставници на Белата куќа го сметаа за обид на Банон да привлече внимание.
Инаку, 22-от амандман на Уставот на САД, усвоен во 1947 година, предвидува дека никој не може да биде избран на функцијата претседател повеќе од двапати.












