Во Основниот кривичен суд денеска од страна на одбраната на обвинетиот за дрога, Раде Трајковски-Штекли, беше испрашувана докторката Оливера Поповска, вработена во психијатриската болница во Бардовци. Кажа дека пред 15 дена, обвинетиот и дал претходно напишано писмо во кое оставил аманет на неговата мајка, коските да му ги закопаат во дворот од куќата. Во писмото тој посочил дека имал змии во главата, но и покрај наводите за „магиско мислење“, кое според докторката не претставува показател за халуцинации, Штекли има добра психичка состојба.
Судечкиот совет најави дека ќе ги разгледа сите вештачења на предлог на одбраната и на ОЈО Скопје, и ќе донесе одлука на следното рочиште, закажано за 13 октомври 2025. Од исходот ќе зависи дали предметот ќе биде даден на супер вештачење или ќе продолжи главната расправа. Одбраната преку вештачењата тврдеше дека тој е психотичен и не е во состојба да ја следи главната расправа, додека, Oбвинителството преку вештачењата тврди дека тој е во добра здравствена состојба.
Невропсихијатар Поповска во своите одговори на поставуваните прашања од страна на адвокатот на Штекли, кажа дека неговите халуцинации не се вистински, од тие за имагинарниот учител, до тоа дека го следела албанската мафија. Во разговорот што го имала докторката со него, се чувствувало носталгија кај обвинетиот по стариот животен стил, одење за Дубаи, во теретана, дружба со пријателите.