Доктори психијатри, на барање од одбраната на првообвинетиот од групата што контролирала дел од скопското подземје, Раде Трајковски викан Штекли, потпишале психијатриско вештачење дека тој не е психички подготвен да го следи процесот во кој му се суди за трговија со дрога. Сега, Обвинителството за организиран криминал и корупција ќе му испрати во затворската ќелија нови вештаци, кои на барање од надлежната обвинителка треба да го опсервираат и доколку постават поинаква дијагноза, ќе се бара соочување на вештачењата.
Оттука се поставува прашањето дали, можеби, денешното одложување на почетокот на судењето против криминалната група поради тоа што Трајковски бил најден утрината неконтактибилен, конфузен и дезориентиран во ќелијата во затворот „Скопје“, е дел од сценариото на обвинетиот за текот на постапката. Судијата Илија Трпков првично кажа дека бил известен од истражниот затвор дека Трајковски е на Клиниката на неврологија, па судењето беше одложено на час и половина. Во судскиот ходник, дел од обвинетите – соработници на Трајковски за растурање дрога по скопските локали се договараа со своите адвокати за признавање вина. Голем дел од осомничените го сторија тоа во истрагата и се спогодија со јавниот обвинител. Сепак, Трајковски не беше донесен во Кривичниот суд ни по речиси два часа пауза. Судијата Трпков сега кажа поинаква информација, дека Трајковски воопшто не бил на Клиниката, туку лекарите што требало да го носат со амбулантно возило чекале потпис од началникот на СВР Скопје, Сашо Топаловски, за полициска асистенција при транспортот. Кратко по одложување на судењето за следниот месец, обвинетиот бил пренесен на Ургентниот центар, под претпоставка дека има епилептичен напад. Штекли се води за многу ризичен притвореник, кој стана познат по неколкуте неуспешни обиди за негова ликвидација. Во јавноста се зборуваше дека му е скроена таквата судбина од спротивставениот табор Грчец – Дуќанџик и од нивниот шеф, Шеваљ Муареми.
Групата на Трајковски, според обвинението, продавала кокаин. За овој предмет, Обвинителството обезбедувало докази речиси една година, со посебни истражни мерки, односно следење на телефоните и со физичко набљудување. Најголем дел од купопродажбите биле во Аеродром и во локали на таа територија, а за меѓусебна комуникација, групата користела „Снапчат“. Од ОЈО ГОКК, на брифинг со новинарите, кога беше разбиена групата на Трајковски, посочија дека за истрагата од голема помош бил „селебрити“ системот за пренос на податоци од телефони и од електронски уреди, кој бил донација од Амбасадата на САД. Без таква опрема, не може да се гони ваков криминал, бидејќи, како што објаснија во Обвинителството, од одземените уреди и телефони и од нивното вештачење се добиле важни податоци, кои биле од помош за истрагата. Во периодот од јануари 2024 до јануари 2025 година, обвинетите, како повеќе лица, се здружиле во криминална група, која на територијата на Град Скопје се занимавала со неовластена трговија со наркотични дроги кокаин и марихуана.
– Врз основа на прибавените докази во истражната постапка, утврдено е дека групата била јасно структурирана и имало строго дефинирани улоги меѓу членовите – од набавка и складирање до пакување, транспорт и продажба на дрогата. Дрогата била складирана во специјално изнајмени станови, а потоа, во помали количини, дистрибуирана и продавана на наркопазарот, по утврдени цени од 4.500 до 6.000 денари за грам кокаин и за 200 до 300 денари за грам марихуана. Парите од продажбата му се предавале на првообвинетиот, кој, како награда, им давал дел од парите на другите обвинети, а воедно им давал и насоки за проширување на мрежата на препродавачи – се велеше во соопштението на ОЈОГОКК. (П. А.)