Најголемиот синдикат на машиновозачи во Шпанија денес повика на национален штрајк за да побара гаранции за безбедноста на професијата, по двете смртоносни железнички несреќи.
Најмалку 42 лица загинаа во судир меѓу два воза во јужна Шпанија, а машиновозач загина утрово кога воз излета од шините во близина на Барселона. Патничкиот воз излета од шините откако заштитна ограда падна на шините за време на силниот дожд во близина на Барселона, при што тешко беа повредени четири патници.
Трето излетување од шините се случи и кај Барселона, но нема повредени, откако камен падна на шините за време на истата бура, соопшти железничкиот оператор „Адиф“.
„Бараме кривична одговорност од оние кои се одговорни за обезбедување сигурност на железничката инфраструктура“, соопшти синдикатот на машиновозачите СЕМАФ.
Синдикатот на машиновозачите СЕМАФ е шпански синдикат кој ги обединува машиновозачите и помошните работници на железницата.
СЕМАФ во август минатата година го предупреди „Адиф“ во писмо на лошата состојба на пругите каде што се случија судирите. „Ројтер“ имаше увид во копија од писмото.
Во писмото се наведува дека дупките, вдлабнатините и нерамнотежата во надземните електрични кабли предизвикале чести дефекти и оштетувања на возовите на неколку брзи линии.
Штрајкот е мотивиран од „емоционалната состојба во која се наоѓаат машиновозачите во моментот, откако оваа недела починаа двајца колеги во несреќата“, изјави министерот за сообраќај Оскар Пуенте за „Телесинко“.
Тој додаде дека ќе се обиде да ги убеди машиновозачите да го променат мислењето, бидејќи две од трите излети од шините биле предизвикани од временските услови, а не од состојбата на пругите.












