Шпанскиот премиер прогласи вонредна состојба во областите погодени од пожар

20

Шпанскиот премиер Педро Санчез објави дека владата ќе прогласи вонредна состојба следниот вторник во областите погодени од шумски пожари во регионот Екстремадура, особено околу градот Ла Грања во покраината Касерес.

Санчез рече дека откако ќе се изгаснат пожарите и ќе се процени економската штета, државата ќе обезбеди средства за реконструкција на уништените области, објави EFE, пренесува „Танјуг“.

„Државата сме сите ние“, рече Санчез, истакнувајќи ја улогата на армијата (UME), цивилната заштита и шумските служби, кои, рече тој, „и беа на располагање на регионалната влада на Екстремадура од самиот почеток“.

Тој исто така потсети дека, по ерупцијата на вулканот на Ла Палма во 2021 година, беше договорено да се зајакне националниот систем за цивилна заштита, кој, додаде тој, сега се спроведува.

Санчез истакна дека е активиран и Европскиот механизам за цивилна заштита, што овозможува распоредување на ресурси од други делови на Европа.

„Ова покажува дека, соочени со криза од ваков карактер, институционалната лојалност, волјата за соработка и солидарноста меѓу териториите, а исто така и меѓу земјите, се фундаментални. Тие се приоритет за прво да се контролираат, а потоа и да се изгаснат овие пожари“, рече тој.

Претседателката на Екстремадура, Марија Гвардиола, повика на реформа на законите за животна средина, кои ги опиша како „премногу ригидни и оддалечени од реалноста на руралните области“. Таа, исто така, повика на поголеми инвестиции во спречувањето на пожари.

ИЗДВОЕНИ