
Шпанскиот премиер Педро Санчез го започна својот летен одмор на островот Ланзароте, во државната резиденција „Ла Марета“, под највисоки безбедносни мерки регистрирани за време на неговиот мандат.
Според шпанскиот весник „Ла Разон“, распоредени се повеќе од 40 елитни членови на Цивилната гарда, вклучувајќи ја и „Групата за резерва и безбедност (GRS)“, елитна единица специјализирана за заштита на високи функционери.
Оваа единица, основана во 1988 година, има околу 1.800 членови распоредени низ целата земја, вклучувајќи ги и Канарските Острови, и тие се обучени да дејствуваат во кризни ситуации, како и да заштитуваат поединци и да го контролираат јавниот ред.
Безбедносниот периметар е проширен на 400 метри, а се предвидува и можност за затворање на улици за да се спречат потенцијални демонстрации или инциденти.
За време на одморот, Санчез ќе биде придружуван од моторизирани единици, оклопни возила, агенти во цивил, снајперисти, а неговите движења ќе бидат следени со помош на напредна технологија, пренесува „Танјуг“.
Овие мерки следат по инцидентот во ноември 2024 година во градот Пејпорт во близина на Валенсија, кога Санчез и шпанската кралска двојка беа изложени на насилни протести за време на посетата на жртвите од поплавите во кои загинаа повеќе од 200 луѓе.
Покрај премиерот, на островот Ланзароте ова лето ќе патуваат и министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка и претседателот на Каталонија Салвадор Иља.