
Шпанскиот премиер Педро Санчез во неделата повика државата Израел да биде исклучена од меѓународни културни настани, како што е „Евросонг“, поради нејзината воена офанзива во Газа, како што беше направено со Русија по нападот врз Украина.
„Не можеме да дозволиме двојни стандарди ниту во културата“, рече социјалистот Санчез, кој долго време ја критикува политиката на Израел во окупираните палестински територии, објави „Ројтерс“.
Израелското Министерство за надворешни работи сè уште не ги коментираше наводите на Санчез.
На митинг во Мадрид, Санчез, исто така, ги повика уметниците да се залагаат за загрозените вредности како што се демократијата и мирот, критикувајќи ги оние кои се залагаат културниот сектор да останат тивки и дистанцирани.
Пропалестинските групи ја повикаа Европската радиодифузна унија да го исклучи Израел од натпреварот поради војната во Газа.
Шпанија, заедно со Норвешка и Ирска, пред една година формално ја призна палестинската држава предводена од Палестинската самоуправа, што Израел го протолкува како поддршка на Хамас, пренесува „Танјуг“.