Во неделата наутро поголемиот дел од државата неколку часа остана остана без напојување со електрична енергија во перидот од околу 05 па се до 07 часот. Недстигот на струјата веднаш предизвика и бројни реакции на граѓаните со оглед дека веднаш не беа познати причините за настанатиот проблем. Тие на социјални мрежи реагираа барајќи одговор зошто се случува ова и кој е виновен. Револтот беше зголемен и од причина што граѓаните не можеа да добијат никакви објаснувања ниту во инфо-центрите на надлежните компании, а чии телефони беа исклучени.
-Кој ќе одговара за ова, ако има расипани апарати, башка тоа што е во замрзнувачите? – реагира една кавадарчанка на социјалните мрежи додавајќи дека кај нив струјата ја снемало точно во 05 часот.
Електричната енергија се врати во функција за еден, а во некои места за два часа по прекинот. Потоа, со објаснување се јави државната компанија АД МЕПСО од каде информираа дека дефектот е во преносна мрежа.
-Во раните утрински часови дојде до дефект и краткотраен испад на 110 киловолтната преносна мрежа. Причина за овој прекин се високите напони на 400 киловолтната мрежа во целиот регион, што го афектираше нашиот систем и го предизвика краткотрајниот испад на енергетските трансформатори 400 /110 киловолти во трансформаторски станици, соопштија од АД МЕПСО во врска краткотрајниот прекин на електрична енергија рано утринава низ Македонија. Оттаму додадават дека станува збор за регионален и европски проблем со кои се соочуваат речиси сите преносни систем оператори.
-Тоа е поради нискиот транзит и конзум на електрична енергија во текот на ноќните часови и викендите во овој период од годината. Од настанување на испадот, екипите на АД МЕПСО експресно реагираа и за околу еден час по прекинот, нормализирано е напојувањето со електрична енергија во државата -, велат од АД МЕПСО.
Оттаму информираат дека нивните екипи продолжуваат да работат на целосно нормализирање на стабилноста на електроенергетскиот систем.
-Дополнително, систематично преку реализација на новите инвестиции во тесна соработка со соседните преносни систем оператори, се придонесува за зајакнување на стабилноста на системот, кој во минатото беше сериозно запоставен и неадекватно одржуван. АД МЕПСО и понатаму будно ја следи состојбата и се врши координација со преносните системи во регионот со цел да се обезбеди стабилност во системот и безбедност на корисниците со напојување со електрична енергија – посочуваат од компанијата.
До ова доаѓа откако на 28 април годинава, Шпанија и Португалија се соочија со најголемиот прекин на електрична енергија во последните децении, при што милиони граѓани останаа без струја, а јавниот живот беше парализиран.
Енергетскиот експерт Константин Димитров за ВЕЧЕР оцени дека проблемот „не е ниту во зголеменото производство, ниту во зголемената потрошувачка, туку во преносниот систем“.
-Нема вишок на струја, значи проблемот не е ниту поради зголемено производство, ниту поради зголемена потрошувачка, туку во преносната мрежа. Најверојатно требало да се ослободи автопатот за пренос на електрична енергија, бидејќи било потребно да се пренесе големо количество струја во Бугарија, Грција, или Европа заради балансирање. Значи, за да се избалансира електричната енергија тие побарале кој има вишок на електрична енергија да префрли во мрежата за да се заштити системот. Значи, АД МЕПСО префрлиле големо количество струја од Грција кон север или од север кон југ. Ако е така тогаш е добро, бидејќи сме извезле поголемо количество електрична енергија, вели Димитров.
Тој појаснува дека проблемот не е внатре во системот, туку во преносната мрежа.
-За да се ослободи протокот и да не дојде до колапс АД МЕПСО го исклучиле далноводот Скопје – Куманово и поради тоа повеќе градови останале без електрична енергија – додава Димитров.
Од опозициската СДСМ вчера обвинија дека по само нецела година од владеењето на “експертскиот“ тим на ВМРО-ДПМНЕ во секторот енергетика настана распад на енергетскиот систем.
-Пола држава е сведок на “способното“ раководство на ВМРО-ДПМНЕ во енергетиката, како пола држава остана без струја и се разбира не е виновен никој, туку регионот па дури и цела Европа. Граѓаните после една година, очекуваат конкретни одговори на прашањата поврзани со изградбата на новите енергетски проекти, кои ги најавуваа во својата партиска платформа 1198, меѓутоа не добија никаков одговор, туку распад на системот. После една година од министерувањето на Сања Божиновска во ново формираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини можеме да заклучиме дека не се случува ама баш ништо, а и министерката се однесува како да не е од тука. Да се потсетиме, пред само една недела, по повод блекаутот во Шпанија, министерката тврдеше дека тоа што се случи во Шпанија, не може да ни се случи на нас и веднаш се докажа спротивното, односно се потврди дека министерката не знае што се случува на терен ниту во производството ниту во преносот – реагираат од СДСМ.
(А.С.)