вторник, февруари 17, 2026
Дома СВЕТ Шпанија ги истражува „Икс“, „Мета“ и „ТикТок“ за детска порнографија

Шпанија ги истражува „Икс“, „Мета“ и „ТикТок“ за детска порнографија

8

Шпанската влада им наложи на обвинителите да ги истражат дигиталните платформи X, Meta и TikTok за „креирање и ширење детска порнографија преку вештачка интелигенција“, изјави денеска премиерот Педро Санчес.

„Овие платформи го нарушуваат менталното здравје, достоинството и правата на нашите деца“, напиша тој на својот X профил. „Државата не може да го дозволи ова. Неказнувањето на овие гиганти мора да заврши.“

Порано овој месец, Санчес објави неколку мерки насочени кон борба против онлајн злоупотребата и заштитата на децата, вклучително и забрана за пристап до социјалните мрежи за лица под 16 години и преземање правни мерки против директорите на социјалните мрежи.

Милијардерот и сопственик на X, Елон Маск, одговори нарекувајќи го „тиранин и предавник на шпанскиот народ“. Тој објави емотикон за измет на социјалната мрежа X заедно со објавата.

Шпанија одлучи да истражи и ограничи користење на мрежите откако Австралија стана првата земја во светот што ги забрани социјалните мрежи за лица под 16 години во декември.

Европската комисија, извршното тело на Европската Унија, отвори истрага за Meta, TikTok и вештачката интелигенција Grok.

Денеска Ирска отвори сопствена истрага за Grok за користење лични податоци што би можело да се користат за креирање сексуална содржина, вклучително и содржина на деца.

Франција го истражува Х за генерирање сексуални „дип фејкови“, форма на вештачка интелигенција што создава убедливи, но лажни видеа, слики или аудиоснимки.

Португалија минатата недела започна со воведување ограничувања за користење на социјалните медиуми од страна на лица под 16 години.

Шпанската министерка за млади и деца, Сира Рего, денеска на социјалната мрежа Bluesky објави дека левичарската влада на Шпанија презема уште еден чекор кон обезбедување на правата на децата на социјалните медиуми.

Таа потсети дека во јануари побарале од Државното обвинителство да истражи дали Х извршил кривични дела поврзани со детска порнографија и нагласи дека „денеска, на владин состанок, го активираа Член 8 од Статутот на Државното обвинителство за истрага на големи платформи“.

ИЗДВОЕНИ