Актуелниот европски шампион, селекцијата на Шпанија, се посрамоти на Евробаскетот. Оваа репрезентација го заврши натпреварувањето по групната фаза, откако загуби од Грција со 90:86 во последното коло. Со две победи и три порази, „Црвената фурија“ го освои петтото место во групата Ц и со тоа не успеа да се квалификува во нокаут фазата.
Ова за Серџо Скариоло воедно значеше и последен натпревар на кормилото на Шпанија.
- Никој не сака и никој не сонува да го изгуби последниот натпревар. Сакав да го добијам, но не може да не бидам горд на моите играчи. Неверојатно е како се вратија од негатива од 15 поени и успеаја да ги држат главите над вода. Кога ќе го погледнете составот, можете да бидете горди што завршивме со двајца 19-годишници. Иднината е светла. Некој ќе биде на чело на тимот, но им препорачав на играчите да продолжат да го сакаат овој дрес и да останат заедно. Од денес, јас сум најголем фан на националниот тим, додаде славениот кошаркарски експерт.