Како oваа медитеранска земја стана рај за долг живот? Новите податоци на Евростат откриваат дека Шпанија стана шампион во должината на животен век, со просечен животен век од 84 години.
Шпанците го освоија врвот на листата благодарение на единствената комбинација од медитеранска исхрана, многу сончеви денови и пријатна клима. Аналитичарите тврдат дека тајната на нивната долговечност е исхраната богата со овошје, зеленчук, риба и маслиново масло, кое го храни и штити срцето, објавува nova.rs.
„Во медитеранските земји како Шпанија, социјалниот живот игра важна улога. Поминуваме повеќе време на отворено, правејќи физички активности, што придонесува за подобро здравје“, објаснува Мануел Ангуита, претседател на Шпанското друштво за кардиологија.
Италија ја следи Шпанија со просечен животен век од 83,8 години, додека Малта го зазема третото место со животен век од 83,6 години. За споредба, Хрватска, иако е дел од медитеранскиот и централноевропскиот регион, има просечен животен век од 78,8 години.
На другиот крај од скалата се земји како Бугарија, каде што животниот век е 75,8 години. Аналитичарите истакнуваат дека и други фактори како што се умерената консумација на алкохол, квалитетниот систем на јавно здравје и политиките што ефикасно се борат против сообраќајните несреќи, исто така, придонесуваат за подолг животен век на Шпанците.












