Шона Хиронс, поранешна адвокатка и мајка од Англија, преживеала седум искуства блиску до смртта, вклучувајќи мозочен удар, рак, дупка во срцето, сериозна несреќа со велосипед, КОВИД-19, пневмонија и бактериски менингитис.

Сепак, таа вели дека е посреќна од кога било и повеќе не се плаши од смртта. Нејзините искуства, вели таа, не вклучувале силни светла или тунелски визии за кои многу луѓе известуваат, објавува „Мирор“.

„Немав никакви искуства со вонтелесно разделување. Претпоставувам дека во тоа време бев во многу мрачна фаза од мојот живот, па тоа не помогна“, објасни таа. Наместо тоа, нејзините искуства близу до смртта ја научија на најважната лекција – како да го сака животот и да биде добра кон себе.

Нејзината борба за живот започна, буквално, уште првиот ден. Родена е шест недели предвреме, а лекарите ѝ рекле на татко ѝ дека веројатно нема да ја преживее ноќта. Но, Шона преживеа. Во доцните тинејџерски години, таа почнала да страда од силни мигрени, а на 22-годишна возраст, додека се занимавала со кариера во право, доживеала благ мозочен удар. Десет години подоцна, на 32-годишна возраст, лекарите ја откриле причината – дупка во нејзиното срце за која била потребна операција на отворено срце. Ова биле само првите од низата предизвици што ја чекале.

За да ѝ помогнат да го врати здравјето по операцијата на срце, Шона почнала да вози велосипед. Но, токму оваа активност ја довела до работ на смртта во 2017 година.

„Предното тркало одеднаш удри во локва на патот. Прелетав преку воланот и го удрив лицето во скршен рабник“, се присети таа. Падна во несвест и беше ставена во индуцирана кома во болница две недели поради оток на мозокот. Лекарите ѝ дадоа само 20 проценти шанси за преживување.

„Кога се разбудив, мислев дека штотуку сум скршила прст и не разбирав за што е целата врева“, рече таа. Реалноста беше многу посурова. Ги скрши сите коски во левата очна празнина и ја згмечи јаболчницата. Таа беше подложена на обемна операција за реконструкција на лицето и помина девет месеци закрепнувајќи се, борејќи се да оди, да зборува, да јаде и да пие. Целото искуство го опиша како „целосен пекол“.

Несреќата беше повик за будење. „Работев 80 часа неделно и чувствував дека мојата работа е да правам сè, и на работа и дома. Бев прегорена“, призна таа. Искуството ја натера длабоко да размисли и сфати дека ѝ е дадена втора шанса. Ја напушти својата правна кариера за да стане тренер за глобална отпорност и превенција од прегорување, посветувајќи се на помагање на другите.

„Денес сум многу попозитивна и самоуверена личност. Се што ми се случи ме научи да го сакам животот и да бидам љубезна кон себе секој ден – нешто со што навистина се борев претходно“, нагласи Шона.

Нејзината отпорност беше повторно тестирана само две години по несреќата, кога ѝ беше дијагностициран рак на матката во 2019 година. Но, благодарение на променетиот начин на размислување, таа ја прифати веста мирно.

„Некако знаев дека нема да ме убие“, рече таа. Нејзиниот лекар сугерираше дека стресот и траумата низ кои поминала можеби биле причина. По хистеректомија и третман, осум месеци подоцна беше прогласена за здрава. Последниот удар дојде во 2024 година, кога се зарази со КОВИД, што ја искомплицира со пневмонија и бактериски менингитис. Сепак, нејзиниот дух остана нескршен.

„Не чувствував дека животот ме казнува, всушност, ми беше смешно. Веќе не бев жртва. Само животот си го тераше својот тек“, рече таа.

Шона не се плаши од ништо овие денови. „Моето семејство се шегува дека треба да ме завиткаат во меурчеста фолија, но јас сум решена да го живеам мојот најдобар живот и да го искористам максимално бидејќи никој од нас не знае кога ќе заврши“, заклучува таа. Нејзината порака до сите е едноставна, но моќна: „Јас го ставам моето здравје на прво место бидејќи ако не одвоите време за вашето здравје, порано или подоцна најверојатно ќе мора да одвоите време за болест.“

ИЗДВОЕНИ