Јужнокорејски обвинители тврдат дека поранешниот претседател Јун Сук Јол, кому сега му се суди за организирање бунт, осмислил таен план за провоцирање на Северна Кореја со испраќање беспилотни летала во срцето на Пјонгјанг. Целта била, велат тие, да се предизвика воен одговор од Ким Џонг Ун, што би го оправдал воведувањето вонредна состојба во земјата.
Нови детали за наводниот заговор, кој му претходел на неуспешниот обид за прогласување вонредна состојба минатиот декември, се базираат на белешки пронајдени на телефонот на поранешниот шеф на контраразузнавањето, Јо Ин-хјан, пишува „Си-ен-ен“.
Тие белешки содржат упатувања за создавање „нестабилна ситуација“, велат обвинителите, кои објавија докази, кои се чини дека ги потврдуваат претходните тврдења на Северна Кореја дека Јужна Кореја испратила беспилотни летала за да фрлаат летоци против режимот во октомври 2024 година. Јунт ги негира тие обвинувања.
Портпаролката на обвинителите, Пак Чи-јан, рече дека обвинителите се „згрозени“ од откритието.
Обвинувањата датираат од октомври минатата година, кога севернокорејските државни медиуми објавија повреди на воздушниот простор на Пјонгјанг. Корејската централна новинска агенција (КЦНА) објави фотографии од беспилотно летало заглавено во дрво, како и снимки од авион за кој се тврди дека лета ниско над резиденцијата на севернокорејскиот лидер.












