Минхенскиот младински совет спроведе анкета меѓу жителите на баварската престолнина под 27 години за да утврди колку се чувствуваат безбедно младите во јавниот превоз. Резултатите покажаа загрижувачки трендови, особено кога станува збор за млади жени, објавува „Зидојче цајтунг“.
Додека повеќе од 95 проценти од младите луѓе изјавиле дека се чувствуваат безбедно во автобуси, метро и возови во текот на денот, ситуацијата драстично се менува ноќе – само 54 проценти од испитаниците се чувствуваат безбедно по стемнување.
Особено загрижувачки е фактот дека 75 проценти од младите жени целосно го избегнуваат јавниот превоз ноќе, додека 38 проценти од мажите го изразија истото мислење. Анкетата, исто така, покажа дека 28 проценти од младите жени пријавиле дека биле жртви на сексуално вознемирување во јавниот превоз.
Истражувачите ги опишаа податоците како „шокантни“ и ги повикаа градските власти и транспортните компании итно да ги подобрат безбедносните мерки, да го зголемат присуството на обезбедувачи и да го подобрат осветлувањето на станиците и во возовите.












