Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, генерал Кит Келог, ќе се повлече од својата функција во јануари, потврди Белата куќа, објавува „Киев Индепендент“, кој оценува дека заминувањето на Келог ја остава Украина без својот главен застапник во администрацијата на Доналд Трамп во клучен момент, додека земјата се соочува со зголемени руски напади, влошување на условите на бојното поле и домашна криза со корупција.
Келог им кажал на помошниците дека јануари ќе биде природен крај на неговиот мандат како пратеник, бидејќи улогата обично бара потврда од Сенатот по 360 дена, објави Ројтерс во среда, повикувајќи се на четири анонимни извори. Еден извор рече дека Келог никогаш немал намера да остане долго во администрацијата на Трамп. Претставник на Белата куќа го потврди заминувањето на Келог во јануари во изјава за „Киев Индепендент“, и не беше јасно кој, ако воопшто има, би можел да биде именуван за наследник на Келог.
Келог првично беше назначен за специјален пратеник и за Украина и за Русија, но подоцна беше назначен да се фокусира исклучиво на Украина. Кремљ наводно се спротивставил на учеството на Келог во мировните преговори, сметајќи го за премногу проукраински ориентиран.
Улогата на Келог во мировните напори на администрацијата честопати беше засенета во корист на претпочитаниот американски преговарач на Москва – Стив Виткоф, градежен претприемач и близок сојузник на Трамп без претходно искуство во надворешната политика или воените работи.
Во Киев, Келог се смета за силен застапник на украинската кауза, а претседателот Володимир Зеленски еднаш се пошегува дека посетите на Келог го штитат Киев од руските воздушни напади исто толку ефикасно како и американските системи „Патриот“.












