Француските власти уапсија 18-годишен маж, идентификуван како Клемент Л., осомничен за учество во мрежа на организиран криминал која, според истрагата, ги испланирала грабежите, нападите и киднапирањата на 26 богати и познати личности во Франција, вклучувајќи го и фудбалерот на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, објави денес францускиот весник „Паризиен“.
Истрагата е покрената по низа инциденти во текот на пролетта и летото, а клучната трага ја пронашла полицијата по нападот и вооружениот грабеж на часовничарска работилница во елитно париско предградие, кога биле украдени луксузни часовници во вредност од околу 150.000 евра.
Доказите ги доведоа истражителите до 18-годишникот, кој веќе бил во притвор за други кривични дела.
Полицијата заплени два мобилни телефони од неговата затворска ќелија кои биле користени за комуникација под лажни имиња, вклучувајќи го и „Лестер З“.
Со анализа на телефоните, истражителите пронајдоа „црн список“ од 26 имиња, кои, според истрагата, биле внимателно избрани врз основа на нивната финансиска состојба.
Најдобриот стрелец на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, бил меѓу потенцијалните цели.
Младиот човек бил уапсен на 19 август, веднаш по напуштањето на судот во Бобињи, каде што присуствувал на рочиште за друг случај.
Тој беше формално обвинет за „кражба во рамките на организирана криминална група“, по што беше ставен во самица.
Осомничениот негираше дека е „мозокот“ на операцијата, тврдејќи дека неговата улога била ограничена на посредување помеѓу засега неидентификуваниот водач на групата и сторителите на планираните злосторства.
Младиот човек има голем број претходни пресуди и постапки, вклучително и случаи поврзани со дрога и вооружени грабежи.
Француските власти ја продолжуваат истрагата за да го утврдат целосниот обем на криминалната мрежа и степенот на вклученост на секој од нејзините членови.












