Шноличките и накитот од „Тему“ ќе поскапат

Се изгласаа измените на Законот на додадена вредност со кои за пратките до 22 евра од странство ќе се плаќа 18 отсто данок. Измените треба да стапат на сила по осум дена откако ќе бидат објавени во „Службен весник“. Ова практично ќе значи дека ќе поскапат пратките од „Тему“ и од слични онлајн продавници, кои изминативе месеци рушеа рекорди на продажба во Македонија. Од Организацијата за заштита на потрошувачите на Македонија појаснуваат за весникот ВЕЧЕР дека со зголемувањето на ДДВ на малите пратки, ќе има намалување на бројот на нарачки и дека измените ќе предизвикаат одредени проблеми во почетниот период, поради недоволната информираност, доцнењето при испорака...

412
ZHONGSHAN China-June 15,2023:man holding a mobile with Temu logo at horizontal composition.

Шноличките, маските за телефони, накитот… кои граѓаните ги порачуваат од „Тему“ ќе бидат поскапи за 18 отсто. Ова е резултат на измените на Законот за данок на додадена вредност со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн праткита со вредност до 22 евра. Оваа мерка ќе донесе одреден приход во државната каса, но и ќе ги направи производите што се нарачуваат на „Тему“ поскапи и понеконкурентни во однос на домашните производи. Од Министерството за финансии сметаат дека се очекува спроведувањето на измените да има директни позитивни ефекти врз економијата и врз работењето на домашните компании. Дополнително, со плаќањето данок на малите пратки, околу 4 милиони денари месечно, односно 65 илјади евра ќе се пренасочат кон домашното стопанство.

Од Организацијата за заштита на потрошувачите на Македонија појаснуваат за весникот ВЕЧЕР дека со зголемувањето на ДДВ на малите пратки, ќе има намалување на бројот на нарачки, бидејќи на граѓаните ќе им биде поевтино да купуваат некои производи во домашните продавници отколку да ги порачаат преку „Тему“.

– Ќе има мало зголемување на цената на малите пратки, што ќе придонесе за намалување на бројот на нарачки. Сега, кога ќе ја направат, нарачката ќе биде со вклучено ДДВ и граѓаните веднаш ќе знаат која е цената и дали да го порачаат производот. Сепак, ова не мора да значи дека некои производи што граѓаните ги порачуваат од „Тему“ ќе бидат поскапи, бидејќи моментално цената им е многу пониска од онаа на оние што се продаваат во нашите продавници – вели Татјана Тасевска, правен советник во ОПМ.

Оданочување на малите пратки се прави секаде во Европа, а целта е помалку да се купува кинеска стока и да се заштити европската економија. И кај нас оваа измена е донесена во таа насока, односно целта е заштита на домашната економија.

– Точно дека на овој начин ќе се спречи сивата економија, бидејќи голем дел од производите што се нарачуваа од „Али експерес“ и од „Тему“ се препродаваа на домашниот пазар. Овие производи беа без ДДВ и на тој начин се создаваше нелојална конкуренција. Сега ќе се купува повеќе од домашни компании чии производи, исто така, се увезени од Кина, но на друг начин – вели Тасевска.

Од ОПМ, сепак, сметаат дека воведувањето ДДВ и царински давачки на мали пратки ќе предизвика одредени проблеми во Македонија, барем во почетниот период, поради недоволната информираност, доцнењето при испорака, административните давачки, намалувањето на онлајн купувањето…

– На подолг рок, ова може да донесе и позитивни ефекти, како поголема заштита на потрошувачите, фер конкуренција со домашните продавници и појасни правила за сите. Важно е институциите и Организацијата за заштита на потрошувачите да спроведат информативна кампања за граѓаните навреме да знаат што да очекуваат и како да постапат при нарачка. Односно, треба да се организираат информативни кампањи преку медиумите, социјалните мрежи и веб-страниците со примери и одговори на најчестите прашања – вели Маријана Лончар-Велкова, претседател на ОПМ.

Од Министерството за финансии појаснуваат дека граѓаните нема да плаќаат поскапо, бидејќи трошокот за пресметка и наплата на ДДВ не паѓа врз крајните потрошувачи.

– Предлогот предвидува ослободување од ДДВ за малите пратки од некомерцијална природа пратени од физичко лице од странство до физичко лице примач во земјава, во вредност од 22 евра. Сепак, предвидени се исклучоци од ова ослободување, односно не се применува даночно ослободување за одредени категории производи како алкохол, алкохолни пијалаци, парфеми, тоалетна вода, тутун и преработки од тутун – изјави заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски.

Главни причини, како што рече, поради кои се вршат изменување и дополнување на постојното законско решение се создавањето појасна правна рамка, спречувањето злоупотреби и пофер услови за стопанисување.

Инаку, дневно се испорачуваат околу 10 илјади пратки само од „Али експрес“ и од „Тему“. Македонските граѓани најчесто порачуваат накит, практични работи за дома, детски играчки, маски за телефон, УСБ, но и поскапи работи како мали куфери, јакни, обувки, смарт-часовници, мобилни телефони, ИТ-опрема…

(А. С.)

 

ИЗДВОЕНИ