Невообичаено, но одлично смислено и изработено, матурантите од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија го искористија својот претпоследен ден од школувањето за реализирање на еколошка акција во паркот „Виолета“ во Гевгелија.
Со обновување на опремата за седење и играње, бојосување и садење цвеќиња, сите матуранти присуствуваа на својот последен час, искажувајќи ја благодарноста и кон училиштето, но и кон градот за укажаната можност и за убавите денови поминати во гевгелискиот средношколски центар.
– Како матуранти, дојдовме тука да го обновиме најстариот парк во Гевгелија. Се надеваме дека ова ќе стане традиција во нашата општина и дека идните матуранти ќе ја продолжат, бидејќи само така нашиот град ќе биде поубаво место за живеење – истакна еден од матурантите.
Како симбол на генерацијата, матурантите посадија маслинка, која, како што кажаа, е вековито дрво и сакаат таа да расте и да потсетува на нив и на нивните успеси и подвизи во изминатиот четиригодишен период.