Школски пример за скандал – печатот во бегство, директорката на распит

РАЗРЕШУВАЊА, ИСТРАГИ И БОЛЕДУВАЊА, ДРАМАТА ВО ДЕМИР ХИСАР НЕ СТИВНУВА

1887

Името Маја Лозановска и натаму стои под функцијата директор на ОСУ Крсте Петков Мисирков во Демир Хисар на веб страната на училиштето, иако градоначалникот Никола Најдовски тврдеше дека ја разрешил минатата недела ситно пред распишување на изборите, и на нејзино место поставил вршителка на должност. Аргументите за смената на Лозановска се дека таа работела незаконски, а тоа го утврдил и Просветниот инспекторат. Денеска премиерот Христијан Мицкоски прашан за случајот, даде и потешка квалификација и кажа дека постоело основано сомнение за сторен криминал од страна на директорката и му порача на Обвинителството да се позанимава со наводите.

-Вториот дел од вистината  која за жал никој не ја пренесе е за работењето на директорката од страна на Државниот просветен инспекторат ( позади него за време на изјавата во Петровец, министерката за образование потврдуваше кимајќи со главата). Констатирани се големи финансиски и други неправилности и тоа е причината зошто таа добива решение за смена. Главното прашање кое треба да се одговори зошто ги снемува печатите и дел од документите во училиштето по нејзината смена. За ова треба да се позанимава ОЈО. Еве да ја затвориме темата за полициското постапување, ајде сега да се фокусираме на работењето на директорката која работела спротивно на законот и постои основано соменевање за сторен криминал, изјави премиерот.

Директорката која утре треба да даде изјава во полициската станица во Демир Хисар, вели дека не е криминалец, туку директор и оти има овластување да ги чува печатите, бидејќи во училиштето немало секретар поради пензионирање и нејзина обврска била да ги носи со себе.

–Немам незаконско работење, да имаше нешто такво до сега кој знае што ќе се случеше, коментира Лозановска.

На интернет страницата на училиштето може да се забележи дека завршните сметки заклучно со таа од минатата година се уредно објавени. За какви сомневања за злоупотреби станува збор сеуште нема информации од полицијата и обвинителството, а нема ниту кривична пријава. Од изјавите кои Лозановска ги споделуваше изминатиов викенд, по драматичниот претрес во нејзиниот дом и училиштето во потрага по службениот печат, таа не го примила решението за смена кое според неа било противзаконски донесено и најави тужби против градоначалникот, просветните инспектори и началникот Роберт Мартиновски.

Во петокот вечерта со судски налог на барање на обвинителството во Демир Хисар полицијата го бараше печатот од училиштето во домот, автомобилот и канцеларијата на Лозановска. Поради непрофесионално постапување началникот беше разрешен и против него е покрената дисциплинска постапка од страна на Внатрешната контрола на МВР. Мартиносвки бараше од Брзата помош која беше повикана од директорката ,носилка да ја носат во станица на распит.

Од Левица објавија дека бил во роднински врски со началникот на битолската полиција, а СДСМ уште еднаш побара кривична одговорност од началникот.

„ Не е доволно само дисциплинска постапка пред внатрешна контрола. Основното јавно обвинителство треба да поднесе кривична пријава и да обезбеди процесуирање на началникот пред лицето на правдата. Истрагата на ОЈО треба да се прошири и да даде одговори на прашањето дали Мартионовски постапувал по налог на Тошковски? Понатаму, обвинителството мора да ја повери и целата незаконска постапка спроведена против директорката на училиштето во Демир Хисар. Сите што ги прекршиле законите мора да одговараат, побараа од СДСМ

Директорката Маја Лозановска е официјално на боледување, и неизвесна е судбината на училишниот печат.

Со распишување на изборите, а тоа беше во саботата, според Изборниот законик, не смее да се започнува постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работниот однос во државни и во јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи. (П. А.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ