По пауза од неколку години, Македонија може и мора да биде горда на фактот дека ќе има претставник на европската фудбалска клупска сцена. Актуелниот шампион во нашата земја, тимот на Шкендија, денеска ја стартува својата авантура во третото по квалитет клупско натпреварување, Конференциската лига. Тетовци денеска гостуваат во Шпанија, каде што за противник го имаат тимот на Рајо Валјекано, кој по пет одиграни кола од новата сезона во Ла Лига, е на 16, позиција со една победа и пет освоени бода. Според обложувалниците, домаќинот важи за апсолутен фаворит, но „црвено-црните“ ја имаа таа улога и во 2. Квалификациско коло од Лигата на шампиони, но на крајот, го елиминираа поранешниот европски клупски шампион, тимот на ФЦСБ, кој во минатото беше познат како Стеауа.
Гостувањето во Шпанија беше повод, дневниот весник ВЕЧЕР да направи ексклузивно интервју со предводникот на Шкендија, Јетон Беќири, кој ни откри што очекува на дуелот против Р. Валјекано и дали „црвено-црните“ го имаат тоа што е потребно за да ја одбранат титулата во домашниот шампионат.
– Навистина, дуелот против Рајо Валјекано ќе биде натпревар за уживање за сите нас во Шкендија, но можеби и за сите во Македонија. Ние ќе се обидеме да го дадеме максимумот и да се преставиме во најдобро можно светло, иако добро знаеме дека се работи за еден исклучителен противник, кој им прави проблеми и на најголемите екипи во светот. Но фудбалот е убав затоа што секој може да победи секого во одредени моменти, а за нас, примарната цел ќе биде да играме максимално ангажирано, дисциплинирано и да се обидеме да оствариме што е можно подобар резултат. Нема слаб противник во Европа, но убеден сум дека можеме да се носиме со речиси сите противници кои ги добивме во Конференциската лига. Наша цел е на секој натпревар да го дадеме максимумот и да се обидеме да го презентираме македонскиот фудбал на што е можно подобар начин.
Иако поголемиот дел од противниците можат да се пофалат со поголемо искуство кога е во прашање европската клупска сцена, Беќири верува дека неговиот тим може да забележи неколку позитивни резултати.
– Искрено, не би сакал да коментирам колку бодови би можеле да освоиме во Конференциската лига, но јас сум голем оптимист дека ќе освоиме бодови и дека ќе забележиме неколку победи, а тоа е многу важно за рејтингот на македонскиот фудбал, но и за финансискиот аспект. Зошто да не се обидеме да направиме нешто повеќе, а не само да бидеме дел од играта?
Кога е во прашање домашниот шампионат, тренерот на Шкендија откри дека не смее да се повтори киксот од дуелот против Арсими и додаде дека има уште три екипи кои ќе бидат ривали во борбата за шампионската титула.
– Мислам дека Шкендија имаше нормален старт во првенството затоа што не можам да бидам максимално задоволен бидејќи изгубивме два бода на дуелот против Арсими кој го играме на домашен терен. Иако бевме со целосно изменет состав, јас сметам дека тоа беше еден кикс и ние како сериозна екипа не смееме да дозволиме такви киксови, особено кога играме на домашен терен. Според мене, мислам дека имаме добар тим и дека сме еден од фаворитите за титулата, но ние треба да си ја гледаме нашата работа, да се бориме на секој натпревар, да го дадеме максимумот. Тоа што сме една од подобрите екипи во лигата значи дека можеби сме фаворити за освојување на титулата, но тоа треба да го покажеме на зелениот терен, иако според мене, имаме три добри екипи кои ни се ривали и со кои ќе се бориме до крајот на првенството.
За жал, трибините на фудбалските стадиони низ годините честопати беа користени за да бидат испратени националистички и навредливи пораки како до противничкиот тим, така и до населението во нашата земја. Трофејниот стручњак е убеден дека таквиот проблем може да биде искоренет, но не без реакција како од државата, така и од Фудбалската федерација на Македонија.
– Сите ние треба да дадеме придонес, посебно Фудбалската федерација на Македонија и државата, за да престанат проблемите кои се однесуваат на навредите на национална основа на фудбалските терени затоа што во фудбалот нема место за нацизам, за национализам, нема место за ништо такво слично. Сите ние треба да уживаме во фудбалската игра, во нејзината убавина и сите заедно да се радуваме кога нешто убаво ќе ни се случи на фудбалски план во нашата држава, а не да се занимаваме со одредени ситуации на кои, според мене, местото не им е на стадионите и на фудбалските терени.
Дуелот помеѓу Рајо Валјекано и Шкендија ќе стартува во 18:45 часот, а шпанските медиуми информираат дека се продадени сите карти и дека домаќинот ќе има поддршка од околу 14.000 навивачи.