Шкендија го дозна противникот за плејофот во ЛШ, но прво е Карабах

1208

Македонскиот фудбалски шампион, екипата на Шкендија, ја чека долго и возбудливо европско лето, откако на сензационален начин го мина романскиот првак ФЧСБ (поранешна Стеауа), победувајќи во двата натпревара. Во најмала рака, тимот од Тетово ќе игра во групната фаза од Конференциска лига, а во најдобар случај, тоа би било пласман во групната фаза во Лигата на шампиони.

За таа цел, доколку сака да биде во најквалитетното клупско натпреварување, ќе мора добро да се испоти, но и да им покаже заби на тимови кои веќе биле дел од елитното натпреварување. Прв на „радарот“ е утрешниот противник Карабах. Првиот меч се игра во Скопје, на националната арена „Тодор Проески“ со почеток од 20 часот, а реваншот е закажан за следната недела, на гости кај азербејџанскиот шампион. Факт е дека Карабах важи за апсолутен фаворит во овој двомеч, но Шкендија покажа дека може да се носи и со доста поквалитетни, но и побогати тимови. Само за споредба, сите играчи од стартниот тим на Карабах, вредат по најмалку еден милион евра, додека во редовите на Шкендија нема играч со милионска цифра зад своето име.

Инаку, доколку македонскиот шампион го мине тимот од Азербејџан и се пласира во плејофот на ЛШ, таму ќе ги одмери силите со подобриот од дуелот меѓу бугарски Лудогорец или унгарски Ференцварош. Така вчера одлучи ждрепката во Нион, од каде додадоа дека плејофот ќе се игра на 19/20, односно 26/27 август.

Другите двојки за пласман во Лигата на шампиони се: Лех Познањ/Црвена звезда – Динамо Киев/Пафос, Бодо Глимт – Штурм Грац, Селтик – Каират/Слован Братислава, Базел – Малме/Копенхаген.

Инаку, финансиски гледано, Шкендија веќе си обезбеди најмалку пет милиони евра само од учеството во квалификациите и групните фази. Ова вклучува приходи од ТВ-права, наградни фондови и продадени билети, без разлика дали ќе продолжи во Лигата на шампионите, Лига на Европа или Конференциската лига.

ИЗДВОЕНИ