По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска поднесе Обвинителен акт против шест лица за кои постои основано сомнение дека како злосторничка група, организирана од првоосомничениот, сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На пет лица им се става на товар кривичното дело Фалсификување пари, додека првообвинетиот и уште едно лице се обвинети и за кривично дело – Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување.
Од крајот на 2023 година до февруари 2025 година првообвинетиот на територија на македонска и српска територија создал група на која припадници станале останатите обвинети – македонски државјани и шест српски државјани за кои постапката се води во РСрбија. Првообвинетиот неовластено набавил и држел опрема и материјали за правење на лажни банкноти – евра во апоени од 20, 50, 100 и 200 евра, кои припадниците на групата ги дистрибуирале до заинтересираните купувачи во Србија по цена од 25-30% од номиналната вредност на вистинските банкноти.
Шестообвинетиот неовластено изработувал машини и делови за правење лажни пари и истите ги одржувал. Од јуни 2024 година до јануари 2025 година 114 .150 лажни евра групата ги продала за 42.400 евра.