вторник, февруари 10, 2026
Дома СКОПСКА Шест нови училници во „Невена Георгиева Дуња“ ќе бидат во функција од...

Шест нови училници во „Невена Георгиева Дуња“ ќе бидат во функција од наредната учебна година

65

Со почетокот на наредната 2026/2027 учебна година, доградбата на  основното училиште „Невена Георгиева Дуња“ во општина Кисела Вода ќе биде пуштена во функција. Ова беше најавено при увидот во градежните активности од страна на премиерот Христијан Мицкоски,  министерката за образование и наука, Весна Јаневска и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.

Градоначалничката Стаменкоска -Трајкоска информираше дека доградбата на ова училиште е на површина од 560 квадратни метри и    се состои од 6 нови училници и два санитарни јазли.

– Ова е потребно за општина Кисела Вода, бидејќи во ова училиште сега учат 705 ученици. Од 2019/2020 година настава посетуваат плус 150 ученици. Тоа значи дека расте бројот на ученици, а ние како Општина, со помош на Владата и на Министерството за образование и наука, продолжуваме подготвени да ги пречекуваме предизвиците – изјави Стаменкоска-Трајкоска.

Министерката Јаневска додаде дека образовната инфраструктура во  општина Кисела Вода расте благодарејќи на посветеноста на општинското раководство во соработка со Владата.

– Во оваа општина има неколку активни проекти покрај доградбата на  ООУ „Невена Георгиева-Дуња“. Се реконструираат две спортски сали, а се гради една нова спортска сала. Дополнително, во четири училишта, многу набрзо, ќе започнат активности за воведување едносменска настава со доградба на по неколку училници – истакна Јаневска.

Премиерот Мицкоски изрази задоволство од изградбата, односно од реализацијата на ваквите проекти со кои се решава, како што рече, акутниот проблем со недостигот на простор за учениците онаму каде што е потребно.

Тој нагласи дека во годините што ќе следуваат, ќе се бара начин да се реши проблемот онаму каде што има вишок простор, а има помалку ученици.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ