Шест месеци од трагедијата во Кочани: Собир на плоштадот во Скопје во знак на сеќавање за изгубените животи/ФОТО

24
Foto: P.Stojanovski

Денеска, 16 септември, се навршуваат шест месеци од пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 претежно млади луѓе. Вечерва на плоштадот „Македонија“ во Скопје во 20:16 часот се одржа тивок собир за оддавање заедничко сеќавање за сите изгубени животи.

„Не беше несреќа. Не беше трагедија. Беше масакар. Свирепо убиство од страна на дисфункционалните институции и партискиот картел. Не смееме да се откажеме од борбата за вистината. Кога ќе се соочиме со неправда, да проговориме. Сите треба да истапиме и да бидеме одговорни, на свој начин. Вистинската борба за живот или смрт е токму борбата за Кочани!“, истакнуваат активистите од иницијативата „Кој е следен?“ и младите од Студентско пленумско движење.

Викендов што измина, наместо вообичаениот „Марш за ангелите“, во Кочани се одржа црковен шестмесечен помен на настраданите. Поменот за покој на душите на сите пострадани го одржа митрополитот брегалнички Иларион, заедно со свештениците од оваа Епархија.

Секоја сабота, низ улиците на Кочани, родителите на жртвите од трагедијата во т. н. дискотека „Пулс“ организираат протестен марш, со кој бараат правда, отчет и одговорност за изгубените животи на своите деца. Причината за пожарот, според истражните органи, се пиротехничките средства, а истрагата откри 35 лица, вклучувајќи и поранешен министер, полициски службеници, локални инспектори, како и сопственикот на клубот. Сите се сомничат за сериозни прекршувања – од фалсификувани дозволи до пропуштање на службена должност.

Оценката за обвинителниот акт за предметот „Пулс“ и понатаму е во Судот на оценување. Трагедијата се случи ноќта меѓу 16 и 17 март и во неа згаснаа 62 млади животи, а повеќе од 200 беа повредени.

ИЗДВОЕНИ