Шест куќарки за бездомни животни поставени во Паркот на франкофонијата

19

Општина Центар доби шест куќарки – засолништа за бездомни животни како донација од Амбасадата на САД. Куќичките, изработени од локални архитекти, се поставени во Паркот на франкофонијата во рамки на проектот „Унапредување на благосостојбата на животните преку волонтерство“.

Проектот, како што соопштија од Општина Центар, има за цел подобрување на условите за бездомните животни и поттикнување на инклузивноста во јавните простори.

Донацијата ѝ е првично доделена на граѓанската асоцијација „Хумани градови“, која поднесе барање до Општина Центар за нејзино примање и реализација.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, вели дека ова е пример за вистинска соработка помеѓу граѓанскиот сектор, меѓународната заедница и локалната самоуправа.

– Благодарни сме ѝ на Амбасадата на САД за поддршката, како и на организацијата „Хумани градови“ за иницијативата и за тоа што ја препознаа Општина Центар како партнер за реализација на овој хуман проект. Оваа донација е поттик и обврска да продолжиме со политики што ја промовираат грижата за животната средина и за сите живи суштества што делат простор со нас – истакна Герасимовски.

Со поставувањето на засолништата, Паркот на франкофонијата добива нова, хумана димензија – простор за заштита на животните и пример за одговорно и инклузивно уредување на јавните површини.

 

ИЗДВОЕНИ