
Путин може да процени дека упорноста се исплати: повеќе територија, западни безбедносни гаранции толку разводнети што се безвредни и ограничување на големината на повоената војска на Украина. Но, како контрааргумент на сево ова се наведува тешката состојба во која се наоѓа руската економија. Од друга страна, Украина би можела да биде на работ на колапс оваа зима.
Светската политика и финансии се соочуваат со година на голема неизвесност. Меѓу можните исходи што се разгледуваат за 2026 година, во анализа на бриселски „Политико“ се издвојуваат шест клучни политички сценарија.
Трамп успева да ја заврши војната во Украина
И покрај приказните за тоа дека западните санкции ја уриваат руската економија и го принудуваат Кремљ да попушти, Владимир Путин изгледа сосема смирен. Без оглед на крвопролевањето на фронтот или редиците Руси кои чекаат гориво поради украинските напади со беспилотни летала врз рафинериите, тој останува цврсто фокусиран на своите максималистички барања. Во исто време, постојат внатрешни политички ограничувања за тоа на што може да се согласи украинскиот претседател Володимир Зеленски без да предизвика јавен бунт. Путин може да процени дека упорноста се исплати: повеќе територија, западни безбедносни гаранции толку разводнети што се безвредни и ограничување на големината на повоената војска на Украина. Но, како контрааргумент на сето ова се наведува тешката состојба во која се наоѓа руската економија. Од друга страна, Украина би можела да биде на работ на колапс оваа зима.
Шанси: 4:1
Тешко ќе се одржи довербата на пазарот на обврзници
Одржувањето на довербата на пазарот на обврзници ќе биде исклучително тешка задача. Побарувачката за државни обврзници низ целиот свет ослабна бидејќи институционалните инвеститори се сомневаат во способноста на некои големи земји, вклучувајќи ги и САД, да одржат стабилни финансии на долг рок. Со експлозијата на јавниот долг, Франција стана поука. Од изборни причини, владите се двоумат да ги зголемат даноците или да ги намалат трошоците, но нешто ќе мора да попушти.
Шанси: 5:1
Нетанјаху ќе „преживее“
Парламентарните избори во Израел мора да се одржат до октомври следната година, а Трамп можеби му направи голема услуга на премиерот Бенјамин Нетанјаху со тоа што го натера да го прифати мировниот план за Газа и да се согласи на прекин на огнот. Минатиот месец, анкета за хебрејскиот портал „Зман Јисраел“ покажа дека Нетанјаху ужива поголема поддршка по договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците. Ликуд е на пат повторно да биде најголемата партија во Кнесетот.
Шанси: 3:1
Реизбор на унгарскиот „Виктатор“
Изборната кампања во Унгарија е веќе во полн ек. Петер Маѓар, член на Европскиот парламент и поранешен инсајдер на Фидес, е главниот ривал на премиерот Виктор Орбан. Тој се надева дека ќе го искористи распространетото јавно незадоволство од рекордната инфлација, економските проблеми и низата политички скандали, а исто така, смета на заморот на гласачите од Орбан. Неговата прозападна, централно-десничарска партија Тиса е изедначена со Фидес во многу анкети, иако некои независни истражувачи тврдат дека Маѓар е во водство. Сепак, секој четврти Унгарец сè уште е неодлучен.
Шанси: 2:1
Криза на банкарството во сенка
Дали глобалниот финансиски систем повторно ќе падне на колена? Приватните кредитни пазари станаа клучен извор на финансирање за компаниите, делумно затоа што традиционалните банки никогаш не го вратија својот апетит за поризични кредити по кризата во 2008 година, а дополнително беа ограничени и од построга регулатива. Инвестициските фондови и фондовите за приватен капитал што го сочинуваат банкарскиот сектор во сенка сега држат нешто помалку од половина од светските финансиски средства, во вредност од околу 250 трилиони долари. Ако приватниот кредитен пазар се разниша, последиците неизбежно ќе се почувствуваат во другите делови од глобалниот финансиски систем. А владите, веќе исцрпени, нема да бидат во позиција да организираат спасување како во 2008 година, особено во време на уште посилен популистички бунт. Покрај тоа, банките во сенка силно се обложуваа на вештачката интелигенција, а нејзиниот „бум“ би можел да биде меур што ќе пукне. Можеби е време да се побара засолниште.
Шанси: 3:1
Демократи наспроти републиканци
На републиканците ќе им биде исклучително тешко да ја задржат контролата врз американскиот Претставнички дом. Партијата на сегашниот претседател, Доналд Трамп, речиси секогаш го губи мнозинството во Претставничкиот дом на дополнителните избори. Ова не се случило само двапати од 1938 година. Со оглед на тоа што републиканците имаат само тесно мнозинство во Претставничкиот дом, демократите се фаворити за враќање на контролата, особено ако вкупниот рејтинг на одобрување на Трамп остане негативен. Но, за да го освојат Сенатот, на демократите ќе им треба огромен бран на антитрамповски чувства што би се проширил дури и низ некои од најконзервативните држави. Малку веројатно, но се случија и почудни работи.
Шанси:2:1











