Разгледувајќи ги снимките од посетата на рускиот претседател, Владимир Путин, на Алјаска, експертите за говор на телото забележаа дека се движи малку невообичаено. Тој беше на Алјаска за да присуствува на самитот за мировни преговори со американскиот претседател, Доналд Трамп.
Експертите се посомневаа на злокобна причина за неговиот од со една вкочанета рака, спуштена покрај телото, кога се сретна со американскиот колега. На видеото со двајцата претседатели како одат еден покрај друг се гледа дека левата рака на Путин се движи напред-назад во ритам со чекорот, додека десната рака му е претежно спуштена покрај телото и статична.
Чудниот начин на движење на Путин не се забележува првпат, а како што пишува „Дејли мејл“, многупати се правеле обиди да се открие мистријата. По анализирањето снимки повеќе години, тим експерти веруваат дека го пробиле кодот. Истражувачите веруваат дека „чудните движења“ на Путин би можеле да бидат навика поврзана со обуката за носење оружје што ја имал кога бил дел од советскиот КГБ.
– Според прирачникот, оперативците на КГБ биле упатувани на тоа да го држат оружјето во десната рака приближена на градите и да се движат напред на едната страна, обично левата, веројатно, затоа што тоа им дозволувало да го извлечат пиштолот што е можно побрзо при соочување со непријателот – напишале аналитичарите од Португалија, Италија и од Холандија.
Проучувајќи разни други личности од Русија, тие откриле дека многу од нив имале таков „од на пиштолџија“, особено ако имале обука во КГБ, во минатото. Путин работел за КГБ 16 години пред да се пензионира таму и пред да продолжи со политичка кариера.
Најновите снимки откриваат и друго необично движење на Путин. Тој постојано го мрда коленото додека стои до својот американски колега, по заедничката прес-конференција на самитот на Алјаска. Двајцата, опкружени со обезбедување и со асистенти, кратко разговараа, а преведувачот се вмеша за да им помогне во разговорот. Но, снимките споделени на социјалните медиуми се фокусирани на рускиот лидер, како постојано го свиткува едното колено додека стои до Трамп во воздухопловната база Елмендорф-Ричардсон во Енкориџ, пред да си замине без да се согласи за прекин на огнот во Украина.
Ова го забележаа и Украинците, кои се потсмеваа на немирното движење на Путин и шпекулираа за неговата здравствена состојба. Тие дури тврдеа дека носел „лесен егзоскелет“, како и чевли со високи потпетици за да го надмине својот „комплекс на Наполеон“ и за да ја минимизира разликата во висината со американскиот претседател. „Егзоскелет“ е роботски уред дизајниран да помогне или да го подобри држењето на телото на оној што го носи, пишува британскиот таблоид.
Оние што го следеа настанот на Алјаска, кој многумина го нарекоа историски, на снимките што многупати беа објавени, исто така, забележаа и дека е впечатлива разликата во висината меѓу двајцата претседатели. Трамп со своите 190 сантиметри се извишува над Путин, иако тој, како што се гледа на снимките, има чевли со потпетици малку поголеми од вообичаените за машки обувки. Путин, инаку, е висок 170 сантиметри.