Шеснаесет дена пред определениот термин за поднесување на кандидатурите за локалните избори на 13 септември, политичките партии и граѓанските иницијативи сè повеќе ги откриваат имињата на нивните фаворити за градоначалници. Но, истовремено, се откриваат и очекувањата од октомвриските локални избори. Премиерот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека сериозно се подготвуваат за претстојните локални избори со цел да направат историски резултат и дека опозицијата ќе загуби убедливо.
– Локалните избори за нив се загубени и таму ќе престои еден процес на реструктурирање, внатрешна катарза којашто им ја препорачувам за да се ослободат од некои, би рекол, стари времиња и да можат да бидат конструктивна опозиција и заедно да работиме за интересот на граѓаните, рече Мицкоски при вчерашната посета на РЕК Битола.
Тој изрази очекување дека владејачката партија и коалиција ќе направат рекорден резултат.
– Како политичка партија и како коалиција приоѓаме многу јасно и силно во оваа кампања затоа што сакаме да направиме историски резултат, да продолжи периодот на реформи, на сето она што денеска се гради во Македонија и затоа велам дека и покрај тоа што бројките велат дека Коњановски е победник уште во првиот круг и дека победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе биде убедлива, ние до последен момент ќе се трудиме да обезбедиме глас повеќе, да убедиме повеќе граѓани да излезат на овие избори бидејќи само на тој начин можеме да ја потврдиме реформската агенда на Владата – нагласи премиерот.
Тој откри дека на 3 септември Извршниот комитет на партијата ќе одржи седница на која ќе бидат познати останатите кандидати за локалните избори чиј прв изборен круг ќе се оддржи на 19 октомври.
Мицкоски вака реагира по вчерашниот настап на лидерот на најголемата опозициска партија Венко Филипче, кој кажа дека премиерот доживува неуспех во водењето на сопствените политики и немањето капацитет да се води државата.
– Причината е јасна, едноставно, тој нема со што да се пофали. Нема ниту еден успех кој може да го презентира, нема никаква добра политика. Сите гледаме што се случува во економијата – постои криза буквално во секој сектор. Евроинтегративниот процес е целосно заглавен, земјата назадува во поделби и меѓунационални тензии, што е исклучиво резултат на политиката што ја води оваа влада. Нема напредок ниту во образованието ниту во земјоделството. Сите добри мерки и политики практично престанаа. Премиерот нема што друго да направи, освен да се обидува да создава впечаток дека постојат сценарија за дестабилизација. Тоа апсолутно не е вистина – изјави Филипче.
Партискиот Извршен одбор, инаку, даде согласност за кандидатури за градоначалници во уште 11 општини низ државава, по досега веќе објавените. Така, Оливера Ливриниќ ќе биде кандидат за градоначалник на општина Бутел, Маја Хеско за Велес, Миле Атанасов за Гевгелија, Дејан Глинџарски за Делчево, Лазар Петров за Демир Капија, Благој Илиев за општина Конче. Кандидат за градоначалник на општина Кратово ќе биде Влатко Спировски, за Кривогаштани Игор Каравиловски, за Македонски Брод Ивица Стојковски, за Ранковце Даниел Крстевски и за општина Старо Нагоричане, Далибор Трајковски.
– Јас давам гаранција дека нашите градоначалници ќе работат чесно – со целосна поддршка од партијата. Нудиме чесни кандидати и мерливи резултати – нагласи тој. Филипче најави дека СДСМ ќе настапи со сегашната коалиција и со програми што комбинираат големи развојни зафати во поголемите општини и микрорешенија за секојдневните проблеми во помалите средини. Во вториот круг, најави можни разговори и со партии од албанскиот блок, „во интерес на стабилно локално управување“. Филипче и претходно најавуваше можна соработка со опозициската ДУИ во вториот круг на локалните избори иако пред тоа силно се дистанцираше од поранешниот партнер во заедничката Влада.
– СДСМ никогаш повеќе нема да дозволи да биде ставен во истата рамка или да биде подреден на која било партија, особено не на ДУИ. Коруптивната стигма која со години ја носи оваа партија е нешто од што јасно и недвосмислено се дистанцираме – изјави тој во јануари годинава.
Градоначалничкиот кандидат на ДУИ за скопската општина Чаир, ексминистерот Бујар Османи, денеска реагираше на изјавите на премиерот Мицкоски, кој најави дека ДУИ ќе изгуби на следните избори. Османи порача дека ваквите јавни настапи се спротивни на приватните пораки што доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ.
– Нормално, премиерот во јавност дава такви пораки, сметајќи дека така ќе им помогне на коалиционите партнери, меѓутоа не пушта такви пораки во приватните канали. Други пораки се праќаат до ДУИ за да се затоплат односите. Обидите да се третираат Албанците како пазарна категорија – влези еден, излези друг – се крајно навредливи и недемократски. Албанците нема да дозволат така некој да ги потчини, дека немаат право на одлучување, туку се една аморфна маса во која премиерот решава како на пазар, како во дуќанче. Не, Албанците ќе гласаат на избори и ќе одлучат сами кои ќе ги претставува – нагласи Османи обвинувајќи го Мицкоски дека сака да инсталира „свои“ Албанци во институциите, како некакви декоративни претставници без легитимитет.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го потсетија Османи дека своевремено ДУИ оставила бел лист хартија пред ВМРО-ДПМНЕ, подготвена да го исполнат секое барање само за да останат во Владата која беше поразена на избори.
– Тогаш првенците на ДУИ, кои сега силно се удираат во гради, не звучеа така храбро и не се однесуваа така. А Бујар Османи може да глуми принципиелност, но вистината е очигледна: врвот на ДУИ е претворен во милионерска елита, додека народот живее во сиромаштија. Затоа денес ДУИ им ветува функции и влез во владата на своите разочарани членови, надевајќи се дека ќе ја скријат сопствената корупција и криминалните зделки. ДУИ прво ќе мора да се исчисти од криминалците, да се соочи со одговорност и да се реформира, па дури потоа да размислува за политичка иднина – нагласија од владејачката партија.
Наспроти ова, Изет Меџити, противкандидат на Османи во Чаир, го претстави официјалното мото за локалните избори: „Само за тебе Чаир“. Тој истакна дека ова мото не е само изборен слоган, туку искрена посветеност која ги претставува неговата визија и работа во иднина како градоначалник на општината Чаир.
– Ќе ги дадеме целoтo наше битие, целото наше знаење, целото искуство и потенцијал во функција само за Чаир и неговите граѓани – изјави Меџити.
Инаку, инспирацијата за мотото на кампањата доаѓа од песната „Само за тебе” на рок-бендот „Телекс“, кој потекнува од скопската општина Чаир. (Б. Ѓ.)