Шенген го прослави 40-тиот роденден: Договорот што ја промени Европа е на стаклени нозе!

51

Четири децении од Шенгенскиот договор, слободата на движење во ЕУ се соочува со предизвици: миграција, безбедност и враќање на граничните контроли. Кога пред точно 40 години беше воведен Шенген, целта беше јасна – да се укинат граничните контроли меѓу европските земји и да се овозможи слободно движење на луѓето. Договорот беше потпишан на 14 јуни 1985 година од Белгија, Германија, Франција, Луксембург и Холандија, на брод закотвен во местото Шенген, на тромеѓето меѓу Франција, Германија и Луксембург.

Шенген влезе во полн живот во 1995 година и оттогаш е едно од клучните достигнувања на Европската унија. Денес, четири децении подоцна, прашањето е како изгледа Шенген во современи услови – и каква иднина го чека.

Денес, Шенген зоната вклучува 29 земји, 25 земји-членки на ЕУ, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Ирска и Кипар се единствените две земји-членки на ЕУ кои не се приклучија. Ирска, бидејќи има зона за слободно движење со Обединетото Кралство, што би било комплицирано да се усогласат со правилата на Шенген, додека Кипар е во процес на пристапување.

Често се вели дека ова е едно од најголемите и највидливите достигнувања на проектот за европско обединување. Во последните неколку години Шенгенот се прошири, прво ја пречека Хрватска, а потоа Бугарија и Романија. Без сомнение, оваа можност за патување во зоната им дава големо олеснување на милиони Европејци, особено на оние кои секојдневно патуваат од една во друга земја.

Сепак, Шенген не ја слави на најдобар можен начин 40-годишнината од своето постоење. Всушност, може да се каже дека е на „стаклени нозе“. Затоа што од 2015 година, сè поголем број земји-членки на Европската унија воведуваат контроли на внатрешните граници на Шенген, понекогаш во согласност со постоечките правила, но често без валидно оправдување.

Денеска повторно има контроли на границата меѓу Хрватска и Словенија, потоа меѓу Словенија и Австрија и меѓу Австрија и Германија. Европската комисија повеќе не ги критикува земјите-членки за толку долги суспензии на Шенген, иако претходно ги предупреди дека тоа може да бидат само привремени мерки и во исклучителни случаи.

Напорите за зачувување на принципот на слобода на движење во ЕУ, без гранични контроли, беа загрозени од различни настани, од терористички напади, до спречување на илегалната миграција, до безбедносни мерки кога се одржуваат големи настани како спортски првенства. Веќе десет години многумина го гледаат Шенген како главен виновник за сите проблеми. Се почести се повиците за построга контрола на европските граници, па дури и за нивно затворање. Некои ги поврзуваат терористичките напади, на пример во Париз, со леснотијата со која терористите можат слободно да патуваат од една во друга земја на ЕУ и со пристигнувањето на голем бран бегалци од Блискиот Исток.

Правилата на ЕУ дозволуваат привремени гранични контроли само во случај на сериозна закана за јавниот ред или безбедност и во исклучителни околности. Тие обично може да се продолжуваат на секои шест месеци, најмногу до две години, по што мора да се ревидираат оправдувањата.

Роберт Гебелс, кој како претставник на Луксембург го потпиша документот што го означи почетокот на укинувањето на внатрешните граници во Европа, изјави дека Шенгенскиот договор денеска е загрозен, но и изрази цврсто уверување дека ќе опстане. Тој за луксембуршкиот весник „Тагеблат“ изјави дека за него ерозијата на Шенген е сигнал за тревога, но и дека им поставува задача на актуелните политичари.

Гебелс (81), кој го потпиша договорот како државен секретар во МНР, ја потврди оценката на весникот дека во 1985 година Шенгенскиот договор бил од мал интерес, дека политичарите не верувале во него, поради што потпишувањето било препуштено на државните секретари.

Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон повика на обновување на Шенген системот во рамките на Европската унија, велејќи дека тоа е несомнено едно од најголемите достигнувања на ЕУ.

Леон Глоден, луксембуршкиот министер за внатрешни работи, изјави за Фајненшл тајмс дека контролите на внатрешните граници го нарушуваат секојдневниот прекуграничен живот кој се развивал со децении, поради што неговата земја „целосно го поддржува Шенгенскиот договор и цврсто ги отфрла проверките на внатрешните граници во рамките на ЕУ“.

Адам Шлапка, полскиот министер за европски прашања, исто така, ја препознава потребата од зачувување на Шенген зоната, кој рече дека „Шенгенот и слободата на движење на луѓето се едно од најголемите достигнувања на Европската унија“.

ИЗДВОЕНИ