Во последниве шест месеци, професионалните возачи од Македонија се под строга контрола за престој во Шенген просторот. Поради строгите правила на бирократијата на ЕУ, тие треба да се изедначат со туристите или со друг вид посетители и им се пресметува престој од 90 дена во 180 дена, собирајќи ден по ден, иако не престојуваат во ниту една држава од Шенген зоната подолго од два до три дена. Ова значи дека тие можат да останат таму максимум 90 дена во рок од шест месеци. Доколку го надминат тој лимит, ризикуваат апсење или депортација со забрана за враќање на територијата на ЕУ.
Но, овој проблем би можел да биде решен до 1 октомври 2025 година, кога треба да профункционира овој систем. Од Транспортната заедница велат дека очекуваат ЕУ да го укине ограничувањето за престој на возачите од Западен Балкан (Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Србија, Косово и Македонија), како и од Турција. Официјална потврда се очекува на состанокот на Транспортната заедница што ќе се одржи на 11 септември, во Белград.
– Според сите сигнали што ги имаме, ќе се почитува правилото на договорот АЕТР, што значи дека возачите би можеле да останат 2.160 часа во ЕУ во однос на престојот, а одморот ни е доволен, бидејќи не надминуваме 1.000 часа за шест месеци. Очекуваме примената да започне во октомври за да се знае дека е вработен возачот во транспортна компанија од државата, а не турист или терорист – објасни главниот кооотрдинатор на конзорциумот „Логистика БиХ“, Велибор Пеулиќ.
Дека се очекува решение на проблемот потврдуваат и македонските превозници, кои речиси две години, заедно со сите превозници од Западен Балкан, им докажуваат на претставниците од ЕУ дека возачите не се туристи, туку работници и поради тоа не може да биде ограничен нивниот престој и да се третира како на другите граѓани.
На состанокот на Транспортната заедница ќе учествуваат претставници од Европската комисија, министри за транспорт од регионот и претставници на транспортните организации од регионот.












